Почитуван Министер Јанакиески,
Почитувана Директорке на Фондот за магистрални и регионални патишта, Валкановска,
Неговото високо свештенство, Агатангел
Почитувани претставници на медиумите,
Драги гости,
Ми претставува големо задоволство, во име на Владата на Република Македонија, да се обратам на денешното свечено поставување на камен темелникот на приклучокот на М1 и Р-103, на клучката Прдејци, овде во Гевгелија.
Отпочнувањето и реализацијата на овој значаен проект е дел од Програмата на Владата за подобрување на вкупната инфраструктура, не само во општина Гевгелија, туку и во целата земја.
Пред точно шест месеци, започнавме со изградба на третата лента кај Плетвар, една од најризичните сообраќајници во државава. Од денес, започнуваме со изградба на оваа клучка, која претставува тесно грло во сообраќајното поврзување со Гевгелија.
Овој проект целосно се вклопува во политиките на Владата за подобрување на транспортната инфраструктура, што е еден од најзначајните предуслови за подобра бизнис клима, за зголемување на нивото на домашните и странските инвестиции, и за оставарување на повисок економски развој.
Подобрените и модернизирани патишта, ќе овозможат полесна и побезбедна комуникација, поголем проток на луѓе и стоки, повисок квалитет на живот за граѓаните и побрз и порамномерен регионален развој, што е меѓу основните приоритети на оваа Влада.
За таа цел, оваа година, најавивме значаен инвестициски циклус во вредност од 150 милиони евра за изградба и модернизирање на транспортната патна мрежа на коридорите 8 и 10. Што е уште позначајно, за изградба и модернизација на регионалните и локалните патишта во сите општини низ Македонија, обезбедивме 120 милиони евра, преку проект кој ќе го реализираме со Светската банка.
Би сакал да истакнам дека средствата за изградба на оваа сообраќајна клучка Прдејци се целосно обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
Проектот предвидува изградба на 4 нови приклучоци, поставување на патна сигнализација и осветлување.
Пуштањето во употреба на клучката ќе доведе до подобрување на сообраќајот кај индустриската зона на Гевгелија, поголема функционалност при поврзувањето со Гевгелија и Скопје, а истовремено и побезбеден приклучок на автопатот Е-75.
Убеден сум дека многу скоро, уште оваа година, токму на ова место повторно ќе се собереме и заеднички ќе ја пуштиме во употреба новата сообраќајна клучка.
На крајот, би сакал на Фондот за магистрални и регионални патишта да им посакам успешна реализација на овој, но и на другите планирани проекти во насока на подобрување на патната мрежа и доближување на Република Македонија до стандардите на Европската Унија.
Благодарам.