3 април 2018, Скопје – Нема ново нето задолжување со аукцијата на државни хартии од вредност која се одржа денеска. Министерството за финансии утре и на 16 април враќа вкупно 1,780 милијарди денари или 28,9 милиони евра или иста сума со онаа која е запишана на денешната аукција.
Каматните стапки на државните хартии од вредност кои се продадени на денешната аукција, се многу пониски од оние кои што доспеваат за враќање. Ова укажува на тоа дека се намалуваат трошоците на државата.
На аукцијата беа запишани 6-месечни државни записи со девизна клаузула во износ од 249,95 милиони денари со камата од 0,60%, 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 1,129 милијарди денари со камата од 1,20%, 2-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 300,00 милиони денари со камата од 1,60% и 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 100,01 милиони денари со камата од 3,70%.
Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат се 6-месечни државни записи со девизна клаузула во износ од 328,73 милиони денари со камата од 1,45%, 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 749,98 милиони денари со камата од 1,85% и 5 – годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 251,8 милиони денари, со каматна стапка 5,15%. Дополнително, на 16.04.2018 година достасуваат за исплата претходно издадени 3 – годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 450 милиони денари, со каматна стапка 2,65%.
Во текот на месец април по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 4,149 милијарди денари или 67,5 милиони евра.