Скопје, 9 јануари 2015 (МИА) – Поради големиот интерес кај граѓаните за проектот „Купи куќа, купи стан“ од понеделник стартува со работа канцеларијата „Купи куќа, купи стан“. Канцеларијата се наоѓа во Министерството за финансии и ќе биде отворена за заинтересираните за Проектот секој ден од 10 до 15 часот.

Граѓаните таму ќе можат да се информираат за сите погодности кои ги нуди „Купи куќа,купи стан“, како што се неповратните средства до 14.000 евра и ниските каматни стапки, но ќе можат да добијат и податоци каде можат да најдат станови по пониски цени – до 900 евра за метар квадратен, согласно условите на Проектот, како и каде се нудат парцели за изградба на куќа.

Министерството за финансии ги повикува сите градежни фирми кои во моментов имаат понуда на станови до 900 евра за метар квадратен да се приклучат на Проектот, така што ќе испратат податоци за становите кои ги продаваат на finance@finance.gov.mk.

„Купи куќа, купи стан“ е шанса да се реши станбеното прашање со помош на Владата, која субвенционира 50 отсто од ратата или учеството од станбениот кредит при купување стан или 75 отсто од ратата или учеството при купување, изградба или надградба на куќа.

Comments are closed.