Скопје, 29 јули 2015 (МИА) – Придонесите за хонорарците се укинуваат од 1 август 2015 година. Владата го предложи ваквото решение откако анализите покажаа дека неколку мерки што во меѓувреме ги спроведе ги исцрпеа ефектите што се сакаа да се постигнат.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денес информираше дека законските измени за укинување на обврската за плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување за договорите на дело, авторските договори и слични договори се донесени на седница на Владата.
– Измената што се предлага, односно укинувањето на плаќањето на придонесите за договорите на дело и авторските договори или популарно наречените хонорарци се прави од причина што со неколку други мерки на Владата се исцрпеа ефектите што сакавме да ги постигнеме. Во последните три месеци се реализираше и проектот „Македонија вработува“ којшто овозможува ослободување од плаќањето придонеси во период од една до пет години за лица што ќе бидат вработени во приватниот сектор и со тоа практично околу 4.000 лица во РМ веќе имаат стекнато статус на редовен работен однос и за нив се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување, појасни министерот Ставрески.
Тој додаде дека вториот проект кој исто така реши добар дел од проблемот на лицата што порано беа ангажирани со договор на дело и авторски договори е во сегментот на трансформација на работниот однос во рамки на јавниот сектор. Со ова, како што рече, на лицата кои долги години беа ангажирани со договори на дело и слични други типови договори им се трансформираше работниот однос во редовен работен однос и со тоа на тие лица сега им се уплаќаат придонеси и за пензиско и за здравствено осигурување, што значи кај тие лица е решено прашањето на користење на услугите и унапредување на работничките права.
Според Ставрески, со ова решение Владата излегува и во пресрет на барањата кои беа изразени во јавноста бидејќи, како што рече, нашата намера беше да помогнеме во делот на регулирање на правата од работен однос, но и да овозможиме сите лица да имаат рамноправен статус, а сепак во јавноста се создаде слика дека постојат други причини поради кои се прави, како на пример полнење на буџетот.
– Со оваа мерка, со укинувањето на придонесите, докажуваме дека тоа не беше случај, бидејќи од друга страна, на начинот како функционираше, приходите не беа толку значајни за буџетот. Сакам да кажам дека се работи за износ на средства кои на годишно ниво се околу 220 до 250 милиони денари, што покажува дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор и немаат никакви уплати на придонеси во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување, па според тоа ги немаат тие права што ги нудат уплатите на придонесите.
Потсети дека обврската за уплата на придонесите беше донесена со цел да им се овозможи на лицата коишто имаат договор на дело, авторски договор или друг сличен договор да можат да уплаќаат придонеси и со тоа да ги решат прашањата на користење на услугите во здравствениот систем, а кога ќе дојде време за пензионирање да можат да добијат и пензија, но и да се зголеми нивото на пензијата.
– Генерално сметам дека овој Закон, со кој се воведе обврска за уплаќање придонеси, од една страна ги постави на правична основа овие лица за да можат да ги реализираат своите права, а од друга страна да бидат рамноправно третирани како лицата во работен однос.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Владата, како и секогаш досега, кога има аргументи, факти и бројки кои покажуваат дека одредено решение треба да се приспособи, таа е отворена да го направи тоа и дека и понатаму ќе продолжи да ја води политиката на тој начин. – Отворени сме, и во овој случај покажуваме дека имаме слух за јавноста дека доколку одредена ситуација создава незадоволство кај поголем број лица и ако, како што велам, аргументите беа во функција на тие исти лица да им се помогне, Владата е отворена и за други решенија.