19 Јуни 2019, Скопје – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.
Со овој предлог закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.
„Преку мерката „Мој ДДВ“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.000 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата, и потсети дека парите кај граѓаните започнаа да се враќаат со укинувањето на радиодифузната такса, со враќањето на евтината тарифа на струјата, како и со мерките за раст на минималната и на просечната плата, и со зголемувањето социјалната помош за речиси 300%.
„Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече Претседателот на Владата на РСМ Заев на прес-конференцијата по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните.
Оваа можност за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.
„Доколку се исполнат нашите очекувања и граѓаните бараат сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии Драган Тевдовски, и додаде дека оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30 000 денари.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференцијата соопшти дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот.
„Целосната дигитализација кон што се стреми УЈП ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, кои веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат“, потенцираше директорката на УЈП Лукаревска.
На прес-конференцијата во Владата на РСМ денеска беше презентирана и апликацијата “Мој ДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, и со која ќе се скенираат валидните фискални сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ-то, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија.
Во продолжение е интегралниот говор на Министерот за финансии, Драган Тевдовски:
Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес-конференција на која Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска не прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата.
Во продолжение на ова соопштение обраќањето на министерот за финансии Драган Тевдовски ви го пренесуваме во целост:
Ја реализираме мерката 15% од платениот ДДВ кај граѓаните! Министерството за финансии и Управата за јавни приходи посветено работеа на реализација на обврската пред граѓаните содржана во Владината програма – повратот на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните. На сите вклучени им благодарам за посветеноста на овој процес.
Данокот е она што граѓаните го вложуваат во државата. Тој се враќа преку јавното образование, јавното здравство, инфраструктурата, преку градинките, парковите, центрите за социјална заштита… Сега за прв пат од вашиот платен ДДВ, 15% ќе ви бидат вратени на сметката, како заштеда.
Мерката има 2 главни цели:
1. Поврат на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните, како што е ветено и
2. Намалување на сивата економија. Граѓаните ќе бидат инспектори и ќе ни помогнат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки. За прв пат 15% од платениот ДДВ ќе им биде вратен на нивните сметки.
Ние го завршивме законскиот дел и направивме механизми со кои ќе се врши повратот. За да можат граѓаните да го користат важно е да одговориме неколку клучни прашања.
Кој ќе има право да ја користи оваа можност?
Сите граѓани постари од 15 години со валидна лична карта или пасош, издадени од надлежен орган на РСМ. Треба да бидете регистрирани на електронскиот систем на УЈП за физички лица и да имате трансакциска сметка на сопствено име.
Како ќе се прави повратот?
Преку скенирање на бар кодовите на фискалните сметки, со мобилни телефони, со користење на посебна апликација, развиена од Управата за јавни приходи. Скенирањето треба да се направи најмногу во рок од 10 дена од датумот на издавање на сметката. Ова е најлесниот начин да ја користите можноста, со цел да не чекате редови и да немате застој во скенирањето. Секако за ранливите групи ќе бидат обезбедени и алтернативни начини. Имајте предвид дека ова е можност достапна за сите граѓани над 15 години и дека станува збор за најобемната мерка преземена кога и да е од МФ и УЈП. Доколку граѓаните немаат можност сами да се регистрираат и да симнат апликација, од еден уред може да се користат повеќе профили, па затоа појдете прво кај најблиските кои би можеле да ви помогнат.
Од кога почнува повратот?
Од почеток на јули 2019; Првата исплата ќе биде во декември 2019. Парите ќе бидат префрлени директно на сметка на граѓаните. Потоа, исплата ќе се врши секој февруари/мај/август/ноември, за изминатите три месеци.
Колку пари се враќаат кај граѓаните?
Доколку граѓаните ги бараат сите сметки, очекуваме дека ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци; За четиричлено домаќинство, враќањето на ДДВ ќе изнесува најмногу 28.800 денари годишно;
Кои се условите за користење на можноста?
Поврат на овој начин се врши само за граѓаните, а не и за претпријатијата. Важи само за ДДВ содржан во фискални сметки, не и за ДДВ од фактури и сметки со сметко-потврда; Може да се користи само за фискална сметка до износ од 30.000 денари; Не важи за сторнирани фискални сметки.
Ви благодарам што сте денеска тука. Успешноста на мерката зависи и од пренесувањето на информациите до граѓаните, а вие сте нивните очи и уши. Би сакал да истакнам дека како Министерство за финансии посветено ја реализираме Владината програмата:
– од поддршка за повисока минимална плата и гарантиран минимален доход, до поддршка за раст на платите;
– имаме одлични резултати од воведувањето на праведно оданочување;
– и сега, го реализираме повратот на 15% од ДДВ кон граѓаните!
Борбата за подобра економија и праведен економски раст од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, продолжува!