Скопје, 13 септември 2016 (МИА) – Општина Аеродром денес објави тендер за изградба на спортски тениски центар што ќе содржи минимум осум тениски терени.

Како што информира на прес-конференција градоначалникот на општината, Ивица Конески, Тенискиот центар ќе се гради преку јавно приватно партнерство, а инвеститорот покрај тениските терени ќе треба да изгради и компатибилни содржини.

– Оптимисти сме дека ќе се јават компании што ќе го реализираат овој проект преку  јавно приватно партнерство. Овој Спортски тениски центар ќе се гради  во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“, покрај кејот на реката Вардар и ќе ги исполнува сите меѓународни стандарди за организирање  меѓународни турнири, истакна Конески.

Министерот за финансии, Кирил Миноски, нагласи дека Министерството и Владата на РМ даваат поддршка на сите капитални инвестиции што, како што рече, имаат за цел да го поттикнат спортскиот начин на живеење и создавање нови генерации спортисти. Миноски информира дека во годинашниот буџет средствата наменети за капитални инвестиции во спортот се поголеми за 400 милиони денари.

Тениските терени заедно со компатибилните содржини треба да бидат изградени најдоцна за 36 месеци.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.