Почитуван Премиер,
Ваша Екселенцијо,
Почитувани земјоделци,
Ми претставува чест денес да присуствувам на отворањето на четирите системи за наводнување Миравци, Удово, Негорци и Паљурци, што се дел од првата фаза од Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар, инвестиција вредна 12 милиони евра. Програмата ја имплементираме во соработка со Владата на Република Германија и е во насока на изградба на модерни и ефикасни системи за наводнување односно воспоставување на т.н системи капка по капка.
Денес со пуштањето во употреба на системите создаваме услови за решавање на проблемот со наводнување, што се провлекува со години наназад.
Република Македонија има доста сушни периоди во годината кои ги намалуваат хидропотенцијалот и конкурентноста на земјоделството при што предизвикуваат намалено земјоделско производство и значајни економски загуби. Климатските ограничувања, нерационалното искористување на водните ресурси во текот на целата година, недоволно развиената инфраструктура за наводнување се само дел од факторите што придонесуваат за намалување на профитабилноста на летните и повеќегодишните земјоделски култури.
Вкупната површина со инфраструктура за наводнување во Македонија е 164.000 ха, но само 127.000 ха или 32% од вкупната обработливата површина може да се наводнува. Повеќето системи за наводнување се постари од 25 години и неефикасни за употреба. Во изминатата деценија, од страна на јавните компании несоодветно и неефиксно се одржуваше инфраструктурата за наводнување, што придонесе за влошување на хидро-мелиоративните системи, големи загуби на вода, нередовно водоснабдување и услуги со низок квалитет за земјоделците.
Овие состојби негативно се одразија на економската положба на македонскиот земјоделец, предизвикувајќи огромни загуби во растителното производство и намалена платежната способност на фармерот. Загубата од неекономскиот и недомаќински пристап на надлежните институциите ја чувствуваат сите, од земјоделците, крајните потрошувачи до самите институции преку губење на редовните приходи од наплата на водата.
Соочувајќи се со овој предизвик и воопшто со проблемите во целокупното земјоделство, Владата континуирано работи на создавање услови за осовременување на македонскиот аграр. Препознавајќи ја суштествената важност на земјоделството за македонската економија, решивме да ставиме крај на стихијната аграрна политика.
Ние знаеме дека со инвестирање во земјоделството инвестираме во 180 илјади семејства и препородот на земјоделството како област која ќе овозможи достоинствен живот за македонскиот земјоделец.
Почитувани,
Мерките за поддршка на аграрот што ги имплементираме се комбинација од 1/ мерки на пазарно-ценовна политика, 2/ мерки за рурален развој, 3/ мерки за зголемување на понудата на поволни кредити, 4/ социјални мерки и 5/ капитални инфраструктурни инвестиции во земјоделството.
Посебен дел од планираните инвестиции во земјоделството заземаат инвестициите во инфраструктура за наводнување.
Системите за наводнување Миравци, Удово, Негорци и Паљурци опфаќаат површина за наводнување од 2.605 ха. Се состојат од најсовремени технологии со обезбедување на дотур на вода до секоја парцела, на принципот на затворен систем кој ќе овозможи непрекинато наводнување на опфатените површини 24 часа во текот на денот и 12 месеци во текот на годината. Новиот и ефикасен начин на искористување на водниот потенцијал преку системите капка по капка, ќе придонесе за остварување на континуирано производство и воведување на нови земјоделски култури, зголемување на приносите, искористување на парцелите во текот на целата година, а со тоа и зголемување на приносот по единица површина.
Системите се изградени со најсовремени стандарди и преку вештините на домашни и странски компании, при што значаен придонес во нивната изградба дадоа и земјоделците од овој регион. Заради редовно одржување и управување со системите, формиравме шест Водни заедници кои целосно се функционални и екипирани со стручен кадар.
Успешно релизирана прва фаза од Програмата резултира со продлабочување на нашата соработка со Владата на Република Германија и подготовка на Физибилити Студија за дополнителни 4.000 ха.
Инвестициите во модернизација на системите за наводнување во Македонија не завршуваат со овој проект.
Владата преку Програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, ќе ја ко-финансира изградбата на ефикасни системи за наводнување во износ од 60 милиони денари, при што право на финансиска поддршка ќе имаат сите земјоделски стопанства, задруги или земјоделски претпријатија во секторите овоштарство, градинарство вклучително и оранжериско градинарско производство и цвеќарство. Инвестиции во изградба на системи за наводнување се предвидуваат и за останатите земјоделски сектори како што е производството на индустриски култури, житни култури и добиточна храна. Обезбедени се и дополнителни 20 милиони денари за рехабилитација на системите за наводнување на Водните заедници.
Почитувани,
Поддршката на развојот на земјоделството и вложувањата во системите за наводнување има за цел максимално да се искористи водниот потенцијал на Република Македонија преку комплетирање на инфраструктурата за наводнување, нејзино редовно одржување, како и достапност до земјоделските површини.
Преку имплементација на сеопфатна политика за континуиран развој на земјоделството ќе придонесеме за зголемување на приходите на земјоделците и социјалната стабилност на руралното население, како и намалување на трговскиот дефицит и стимулирање на конкурентноста на домашните производи на меѓународните пазари.
Верувам дека со заеднички напори ќе ја оствариме оваа цел.
Благодарам