Царинската управа на Република Македонија во соработка со Управата за јавни приходи откри параван фирма за прикривање царински давачки преку која скопска фирма се стекнала со противправна имотна корист и заедно го оштетиле Буџетот за 57.771.038 денари.>
 
Параван фирмата без магацински простор се користела само за увоз и царинење прехранбена, претежно кондиторска стока од Турција што ја продавала скопската фирма, за која со користење на лажни податоци избегнувале плаќање царински давачки и данок.
 
Царинската управа против пет лица поднесе кривична пријава до скопското Јавно обвинителство за „царинска измама и даночно затајување“. На тријца од осомничените, кои се во бегство, истражен судија во отсуство им одреди мерка притвор, а за едно лице превентивна мерка за обезбедување присуство со одземање на патната исправа.
 
– Откривањето на и спречувањето на случаи на затајување на обврски кон државата во делот на царината и даноците претставува континуирана активност на Царинската управа. Управата направи неколку успешни крупни акции со кои заштеди зџанчајни средства во Буџетот на Република Македонија и истовремено придонесе за намалување на криминалот и сивата економија, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Царинската управа.
 
Посочи дека во периодот 2007-2010 година врз база на акциите на Царинската управа проверени се 980 случаи со странски царински управи врз база на сомнение дека износот пријавен за царинење е понизок од реалниот.
 
– Врз база на таквите проверки утврдено е дека во 152 случаи приложените фактуре се на понизок износ од реалниот и е утврдено дека е направено кривично дело „царинска измама и даночно затајување“. За тоа се поднесени 206 кривични пријави против 197 правни и 229 физички лица, кои избегнале вкупни царински давачки во износ од 305 милиони денари, рече вицепремиерот Ставрески.
 
Тој нагласи дека во периодот од 2004-2006 година биле поднесени 337 барања за дополнителни проверки и биле поднесени само 90 кривични пријави против 88 правни и 105 физички лица за избегнати давачки во износ од 63.645.464 денари. Тоа, според него, е доказ дека борбата против криминалот и сивата економија сега се води многу пожестоко и поенергично и дава кокретни резултати.
 
Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов прецизира дека е констатирано оти параван фирмата и фирмата која ја продавала стоката во периодот од 2007 до 2009 година декларирале пониски фактури како основа за плаќање на увозните давачки од Турција при што Царинската управа со проверка кај странските царински служби констатирала дека во 109 наврати се приложени фактури во износ од 1.784.214 долари напроти проверените прави вредности 4.705.413 долари.
 
– Во соработка со УЈП и реконструкција на вкупната активност на овие две фирми е констатирано дека избегнале плаќање на царини во износ од околу 24 милиони денари и околу 20 милиони денари ДДВ од кои дел увозен, а дел во внатрешбниот промет. Заедно со каматите пресметани на неплатените царини и ДДВ вкупниот износ е речиси 58 милиони денари, рече Каргов.
 
Тој појасни дека организатор на целата операција е физичко лице управител во правно лице од Скопје. По негов налог и за негови потреби друго лице од Тетово, основало параван фирма во Скопје која се користела само за увозно царинење на разни прехранбени стоки со потекло од Турција. Преку неа со користење на лажни податоци го избегнувале плаќањето на царинските давачки и данокот. Параван фирмата, нема вработени, нема вршено плаќања кон добавувачите, нема магацин, а сепак вршела увоз на стока и тоа два до три камиони неделно кои биле директно испраќани на истовар во магацините на правното лице од Скопје.
 
– Пристигнатата стока била книжена на вонсметководствена евиденција, а за дел од стоката книговодителката направила рефактурирање за да прикаже материјален и финансиски влез во реалната книговодствена евиденција. Другата стока која не ја евидентирала, преку две лица вработени во фирмата од Скопје ја продавале во кеш, давале лажни податоци за своите приходи и не пријавиле приход, со што извршиле кривично дело даночно затајување, нагласи Каргов.
 
Одговарајќи на прашање директорот на Царинската управа рече дека од досегашните сознанија овој случај нема никакво поврзаност со фирмите од случајот „Пајажина“.(МИА)