Осум реформски закони од финансиската сфера за подобрување на деловното работење изготви Владата и ги достави до Собранието на Република Македонија. Станува збор за измени и дополнувања на законите за хартии од вредност, за царинска тарифа, за Царинска управа, за Царинскиот законик, за вршење услуги на брз трансфер на пари, за спречување на перење пари и финансирање тероризам, како и за донесувањето нов закон за државна ревизија и Закон за инструментот за претпристапна помош (ИПА).
 
– Новите законски решенија, покрај хармонизација на законодавството со ЕУ во делот на финансискиот сектор, ќе значат и обезбедување на функционален и стабилен пазар на хартии од вредност за домашните и странски инвеститори и ќе придонесат за подобрување на бизнис климата, рече денеска на прес-конференција министерот за финансии Зоран Ставрески.
 
Измените и дополнувања на Законот за хартии од вредност предвидуваат стекнување квалификувано учество во берза за хартии од вредност, брокерска куќа и депозитар за хартии од вредност.
 
– Ова практично значи дека лице може да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ надминува 10, 20 и 50 отсто од вкупно издадените акции со право на глас кај берзата за хартии од вредност, брокерските куќи и Депозитарот на хартии од вредност доколку претходно добие согласност од Комисијата за хартии од вредност. Досега, законот не дозволуваше акционер, заедно со неговите поврзани лица да поседува повеќе од 10 проценти од акциите со право на глас во берза и 15 отсто од акциите со право на глас во депозитар, објасни Ставрески, додавајќи дека со ова се создаваат законски можности за влегување странски инвеститори на Макдонската берза.
 
Ќе се основа и Гарантен фонд за порамнување на веќе договорени трговски трансакции со хартии од вредност. Со воведување на оваа новина во Законот, Депозитарот за хартии од вредност треба да формира Гарантен фонд чии средства ќе се користат исклучиво кога некоја членка на Депозитарот нема да има доволно парични средства за порамнување на веќе договорена трговска трансакција. Со воспоставување на Гарантниот фонд ќе се зголеми сигурноста за инвестирање во хартии од вредност на странските и домашните инвеститори, бидејќи тој ќе ја гарантира секоја договорена трансакција.Одредбите за основање на Гарантниот фонд ќе се применуваат од 1 јануари 2011 година.
 
Измените предвидуваат и воведување Фонд за обештетување на инвеститори во хартии од вредност. Фондот ќе го формира и со него ќе управува институција – Оператор со фондот. Членството ќе биде задолжително за сите брокерски куќи, овластени банки кои вршат услуги со хартии од вредност и за друштвата за управување со инвестициски фондови кои вршат управување со средства за индивидуални клиенти – сопственици на портфолио.
 
Според министерот, целта на формирањето на Фондот е да врши обештетување на инвеститорите во хартии од вредност во случај на отворање стечајна постапка над членка на Фондот или кога Комисијата ќе утврди дека членката не е во можност да ги исполни обврските кон клиентите во моментот, ниту во поблиска иднина.
 
– Со овие одредби од Законот ќе се зголеми довербата на инвеститорите за вложување во хартии од вредност, а ќе почнат да се применуваат од денот кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија, рече Ставрески.
 
Измените и дополнувањата на Царинскиот закон се насочени кон создавање правна рамка за имплементација на новиот Систем за обработка на царински декларации (СОЦД) во Царинската управа. Тоа ќе овозможи подобрување на бизнис климата преку воведување нови информатички технологии со кои ќе се избегне употреба на хартија. На овој начин, истакна Ставрески, во значителна мера се олеснува царинската постапка и се намалуваат трошоците и времето потребни за вршење царински работи на компаниите во надворешната трговија.
 
Кај Законот за царинска тарифа се предлага уредување и изедначување на царинската стапка за увоз на нови со употребувани автомобили. Царинските давачки при увоз на употребувани патнички возила се намалуваат од постојните 10 на 5 отсто со што се врши изедначување со царинската давачка за нови патнички автомобили.Со ова намалување ќе се овозможи населението во Република Македонија да може да дојде до поевтин автомобил, посочи министерот.
 
Со овој Предлог закон се врши и намалување на царинските стапки на керамички производи кои се користат во производството на делови за автомобилската индустија што ќе влијае врз производството и извоз на финални производи.
 
Предвидено е и воведување Интегрирана царинска тарифа (Тарим) – алатка која ќе овозможи еднообразна примена на Законот за царинска тарифа, мерките на трговска политика и сите други прописи кои се применуваат при увоз и извоз на стоки во Република Македонија. Имплементирањето на Тарим е задолжително поради воведувањето нова програма за централно процесирање на декларации при Царинската управа.
 
– Тарим е еден од главните потсистеми кој ќе биде платформа за подоцнежното имплементирање на Тарик системот на ЕУ, по добивањето на датум на членство на Република Македонија во Европската унија, рече Ставрески.
Според него, значајна измена е и зголемувањето на лимитот на вредноста на стока која македонските граѓани можат без царински давачки да ја внесат во земјата.
 
– Лимитот од 175 евра се зголемува на 350 евра. Ваквото двојно зголемување на лимитите значи изедначување на третманот на нашите со граѓаните во земјите на ЕУ и едновремено намалување на царинските ограничувања за нашите граѓани, потенцира Ставрески.
 
Согласно измените и дополнувањата на Законот за Царинска управа се дефинираат услови за именување директор и заменик директор на Царинската управа. Воедно се определува и начинот на престанок на нивниот мандат. Со оваа измена за првпат се одредуваат критериуми што ќе овозможат избор на стручни, комптетентни и професионални лица на овие одговорни позиции. Со измените се одредува и времетраење на мандатот на Директорот на царинската управа на четири години, истакна министерот за финансии.
 
Поголема достапност и поевтинување на услугите за граѓаните ќе овозможат и измените на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.
 
– Досега глобалниот систем преку кој се врши трансферот на пари мораше да биде оперативен во најмалку 100 земји. Отсега, тој треба да биде оперативен кумулативно во најмалку 20 земји, од кои барем 10 се членки на ОЕЦД. Намалувањето на бројот на земји е поради постепена либерализација на пазарот согласно ЕУ стандардите кои не содржат ограничувања во поглед на бројот на земјите. Заради заштита на клиентите, се предлага барем 10 земји во кои е оперативен глобалниот систем да бидат членки на ОЕЦД, подвлече Ставрески.
 
Пред измените на Законот, друштвото за вршење брз трансфер на пари мораше да поседува најмалку 100.000 евра. Со измените оваа сума се намалува на 20.000 евра. Намалувањето на износот е во рамки на либерализацијата на пазарот на финансиските услуги во Република Македонија.
 
Осврнувајќи се на Предлог законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), министерот подвлече дека ова решение ја регулира обврската за воспоставување самостојно и независно ревизорско тело кое ќе врши имплементација, мониторинг и контрола на инструментот за предпристапна помош. Со тоа ќе се воспостави ефикасен инструмент за следење на начинот на управување и трошење на средствата добиени од Европската унија во рамките на предпристапната помош ИПА.
 
Аналогно на воспоставувањето тело за ревизија на ИПА средствата е и зајакнување на финансиската и функционалната независност на Државниот завод за ревизија.
 
Ставрески напомена дека измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам се во насока на зголемување на контролата и зајакнување на механизмите за спречување на перење пари и финансирање тероризам.
 
– Предлагаме проширување на кругот на субјектите кои се задолжуваат да преземаат мерки за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Досега ваква обврска имаа банките, штедилниците, менувачниците, давателите на услуги брз трансфер на пари, осигурителните друштва, брокерските куќи, адвокатите, нотарите, касината, а отсега ќе имаат и сите приредувачи на игри на среќа, Берзата за хартии од вредност, Централниот Регистар на Република Македонија, Централниот Депозитар за хартии од вредност.
 
За нотарите, дилерите на возила, осигурителните друштва и банките, како подрачја особено осетливи на ризиците од перење пари и финансирање тероризам, се воведуваат дополнителни обврски. Овие субјекти на дневна или месечна основа до Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам, по електронски пат треба да доставуваат податоци и информации за определени правни работи во износ над 15.000 евра. Се предлагаат и високи прекршочни санкции кои ќе се степенуваат по тежината на сторената штета, рече министерот за финансии Зоран Ставрески.(МИА)