Скопје, 6 октомври 2015 (МИА) – Во Министерството за финансии денес беа потпишани договорите со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка. Изградбата треба да почне напролет и да заврши за три години, односно до крајот на 2019 година.

Договорите за заем и за гаранција ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорката на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Бојана Нацева и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов. На потпишувањето на договорите присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

– Со потпишувањето на овој договор експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка станува реалност. Пат кој е од исклучително големо значење за граѓаните од североисточниот дел на Македонија, но  и за сите граѓани што патуваат кон Бугарија, бидејќи ќе се изгради нов модерен пат со по две ленти од двете насоки и кој ќе овозможи побрз и побезбеден проток, изјави по потпишувањето вицепремиерот Ставрески.

Заемот, како што рече, е одобрен по исклучително поволни услови, односно рок на отплата од 28 години, грејс период од 8 години и каматна стапка од 6-месечен еуролибор кој во моментов изнесува 0,88 проценти.

Според вицепремиерот Ставрески, реализацијата на овој проект е резултат на успешната соработка со Светска банка.

– Имаме исклучително добра и брза реализација уште од самиот старт на овој проект за отпочнување со градба на патот и тоа е дел од долгогодишниот партнерски однос со Светска банка во изминатите 20 години, која  ја поддржа Република Македонија со 1,960 милијарди долари вклучени во разни проекти. Дел се и грантови со кои се реализираат значајни проекти во делот на транспортната инфраструктура, енергетиката, земјоделството, социјалниот сектор, образованието и други сектори, изјави Ставрески.

Корисник на заемот е ЈП за државни патишта, а гаранцијата ја дава државата. Од вкупниот износ 78 милиони евра се за изградба на патниот павец, а 5 милиони за воспоставување систем за управување мостови и институционална поддршка на ЈП.

Проектот, како што рече директорката на Канцеларијата Бојана Нацева, е предвиден во Стратегијата на Светска банка за патна инфраструктура во РМ поради важноста на патната мрежа за растот и конкурентноста на земјата.

– Со инвестирање во патната инфраструктура Македонија ќе обезбеди подобра поврзаност со регионалните пазари и ќе стане попривлечна дестинација за инвеститорите. Патиштата се клучни и за локалната конкурентност  и за развој на туризмот, рече Нацева и додаде дека новиот проект ќе ја подобри транспортната поврзаност на корисниците долж Коридорот 8.

Според вицепремиерот Владимир Пешевски, договорот е продолжување на инфраструктурната експанзија во Република Македонија и реализација на голем број проекти во сите сфери на живеењето, како што е изградбата на голем број локални и регионални патишта и автопатишта.

– Освен за жителите на овој регион, проектот ќе има големо значење за сите жители на РМ, особено за оние кои се занимаваат со економија и кои ги имаа запоставено односите со истокот. Со овој пат ќе се исполнат условите за засилена трговија и полесен транспорт на луѓе, стока, а конечно ќе се создадат и предуслови за развој на туризмот, рече Пешевски.

За министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски со овој проект Владата покажува дека го задржува континуитетот во изградбата на квалитетна инфраструктура.

– Оваа Влада е силно посветена на изградба на квалитетна инфраструктура. Тоа го покажува и фактот што во моментов се градат три нови автопати со вкупна должина од 156 километри и инвестиција од над 800 милиони евра. Само во еден месец почнавме со изградба на 5 регионални патни правци меѓу кои Битола-Буково-Ресен, Ново Село Мокрино-Смоларе, Нов Дојран-Николич со должина од 155 километри и вкупна инвестиција од 10 милиони евра, изјави Мисајловски и додаде дека овој месец или најдоцна следниот ќе почне рехабилитација на шест регионални патни правци, односно Смоквица-Гевгелија, Бошков Мост-Дебар, Делчево-Голак, Мелнички Мост- Центар Жупа, Лажани-Ропотово-Црнилиште, Кривогаштани-Обршани-Воѓани и Клепач-Новаци, нагласи Мисајловски.

Александар Стојанов од ЈП рече дека ќе се изгради нов модерен пат од 26 километри со променлива ширина од 11,4 до 12,5 метри. – Делницата, појасни, е поделена на два дела, од Крива Паланка до Глобочица и од Глобочица до Страцин. Ќе содржи и 22 моста, 9 натпатници и 13 пропусти и 2 клучки.

На прес-конференцијата беше најавено и дека со цел модернизација на Коридорот 8 ќе се реконструира и проширува и делот од Крива Паланка до Деве Баир.

Вицепремиерот Ставрески посочи дека Владата донела одлука за целосна реконструкција и проширување на оваа делница и дека е објавен тендер за проектирање.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window