Некои луѓе мислат дека човештвото треба да се ослободи од примена на нуклеарната енергија бидејќи е таа опасна. Другите мислат дека нуклеарната енергија е енергија на иднината и дека што побрзо мора да фатиме чекор со останатите земји. Како и да е, време е за сериозна јавна дебата и за сериозна одлука

Сонцето е неисцрпен извор на енергија. Таа енергија е резултат на јадрените реакции во Сонцето во кои материјата се трансформира во енергија. Слични такви реакции се одвиваат и во реакторите на нуклеарните електрични централи. 26 април 1988 година беше денот кога советскиот академик Валериј Легасов се обеси во својот дом. Точно две години порано, на истиот датум, се случи хаварија во нуклеарната централа во Чернобил. Легасов беше предводник на тимот назначен од владата на тогашниот Советски Сојуз, кој имаше задача да ги санира последиците од чернобилската хаварија. Таа беше последица од научен експеримент што се одвивал во еден од блоковите на нуклеарната електрана. Експериментот излегол од контрола и се случи тоа што се случи. Последиците од таа хаварија се ужасни.

Украинскиот пелин (чернобил е украинско име за тревката пелин) им ја загорчи иднината на многу генерации. Во август 1986 година во Виена, пред Меѓународната агенција за атомска енергија, Легасов даде објаснување како се случила хаваријата. Како причина тој го навел следното: „Дефектот во системот беше само во тоа што нашите конструктори не го предвиделе опасното и глупаво однесување на нашите оператори“. Подоцна, сведочејќи пред Советската академија на науките, тој кажал: „Не лажев во Виена. Само не ја кажав целата вистина“. Две години подоцна, на денот на хаваријата, Легасов си го одзеде животот, а неговата смрт и ден-денес е мистерија.

Досега, во текот на 50-годишната експлоатација на нуклеарни централи низ светот, се имаат случено само две големи нуклеарни хаварии. Едната е во САД, во Пенсилванија во 1979 година, а другата е во Чернобил. Чернобил беше резултат на човечката неодговорност и на мегаломанијата на еден систем кој за себе тврдеше дека е најдобар во се’, особено во полето на нуклеарната енергија. Оттогаш, употребата на нуклеарната енергија стагнира. Сепак, најмногу поради недостигот од енергенси и нивната цена, нуклеарните централи остануваат посакуван извор на енергија за многу држави. Денес во светот има повеќе од 400 нуклеарни реактори во кои се произведува 16 отсто од вкупната електрична енергија на Земјината топка. Со оглед на општиот недостаток на енергенси, се очекува нуклеарните централи да доживеат ренесанса во наредниот период.

Процесот на добивање струја по нуклеарен пат има значајни предности, но и сериозни недостатоци. Главни предности на нуклеарните централи се: произведуваат енергија на чист начин, без испуштање јаглероден диоксид, кој е главен загадувач на животната средина и причинител за глобалното затоплување; стабилност на снабдувањето со енергија во услови на глобална нестабилност и недостиг на енергентите; докажана и проверена технологија која е стара над 50 години (современите реактори се безбедни и ефикасни); произведената струја е поевтина; а работниот век е речиси двапати поголем од тој на термоелектраните. Најголем недостаток е проблемот со складирањето на радиоактивен отпад, кој се добива во текот на експлоатацијата. Секако, и наследството од Чернобил, кое покажува дека ризикот ретко се случува, но кога ќе се случи, последиците се стравотни.

Имајќи го предвид сето ова, се’ почесто во Македонија се размислува за евентуална примена на нуклеарната технологија за енергетски цели. Тоа најмногу се должи на фактот што се соочуваме со хроничен недостиг од електрична енергија кој се надополнува од увоз. Секоја година овој недостиг е поголем отколку во претходната. Регионалната состојба е таква што повеќето земји се увозно зависни и нема слободни капацитети кои би произведувале енергија. Во Македонија, последните големи капацитети беа изградени се ТЕЦ „Битола 3“ во 1988 и ХЕЦ „Козјак“ во 2004. Други производни капацитети во меѓувреме не се изградија, а потребата од електрична енергија се зголеми. Хидроелектраните „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ се очекува да се завршат по 2015 година. Со овие зафати, како и изградбата на комбинираната гасна електрана во Скопје, енергетската слика би била значително подобра.

Меѓутоа, во периодот околу 2025 година рудниците за јаглен Суводол и Брод Гнеотино ќе се исцрпат, а постојаните електрани ТЕЦ „Битола“, „Осломеј“ и „Неготино“ ќе бидат на крајот од својот век на експлоатација. Имајќи го ова предвид, сосема логично е да се размислува за изградба на нуклеарна електрана во Македонија како една од опциите за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија. Изградбата на нуклеарна централа подразбира повеќе активности кои се долготрајни. Светските искуства покажуваат дека од времето кога ќе се донесе одлука за изградба до почнувањето со производство на енергија, обично поминуваат околу 15 години. Затоа, доколку сакаме во Македонија да имаме ваква централа, потребно е претходно да изработиме нуклеарна програма и да ги преземеме сите подготвителни активности за изградба.

За таа цел, од суштествено значење е да се основа Агенција за имплементација на нуклеарна енергија, која ќе ги преземе сите чекори што се однесуваат на определување на локација, добивање лиценца, подготовка на проектот, градба и експлоатација. Доколку сакаме да имаме нуклеарна централа во 2025 година, би требало веќе во 2009 година оваа агенција да се формира и да почне со работа. Некои луѓе мислат дека човештвото треба да се ослободи од примена на нуклеарната енергија бидејќи е таа опасна. Другите мислат дека нуклеарната енергија е енергија на иднината и дека што побрзо мора да фатиме чекор со останатите земји. Како и да е, време е за сериозна јавна дебата и за сериозна одлука.

Среќна Нова 2009

Зоран Ставрески

Comments are closed.