Скопје, 6 март 2013 (МИА) – Околу 286 илјади пензионери денеска го добија ветеното зголемување на пензиите. На нивните сметки утрината се уплатени средствата за февруарската пензија која е зголемена за 550 денари линеарно за секој пензионер.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека зголемувањето на пензиите е целосно вклопено во проекциите на Буџетот за 2013 година и оти пензионерите можат да бидат спокојни дека секој месец ќе ги добиваат навреме пензиите покачени за 550 денари.

– На тој начин директно го помагаме животниот стандард на пезионерите. Секако, средствата никогаш не се доволно, но секое зголемување во вакви тешки времиња значи многу. Ние тоа го ветивме и го реализиравме, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба во Сојузот на здруженија на пензионери.

Најави дека Владата ќе продолжи со политиките за зголемување на пензиите и оти во 2014 и 2015 година се планирани нови покачувања доколку општите економски услови го дозволат тоа.

Ставрески потсети дека освен зголемувањето на пензиите, во изминатиот период се реализирани и низа мерки со кои се подобруваат условите за живот на пензионерите како што се намалувањето на цените на лековите, обезбедувањето на бесплатниот престој во болниците и бесплатниот јавен превоз.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.