Данокот на личен доход  се плаќа на вкупниот доход остварен од страна на физичките лица од разни извори, во земјата и странство, во текот на една календарска година.

Под личен доход се подразбираат следните видови на доход:

  • доход од работа;
  • доход од самостојна дејност;
  • доход од авторски права и сродни;
  • доход од продажба на сопствени земјоделски производи;
  • доход од права од индустриска сопственост;
  • доход од од закуп и подзакуп;
  • доход од капитал;
  • капитални добивки;
  • добивки од игри на среќа;доход од осигурување и
  • друг доход.

На оданочување подлежат гореспоменатите видови на доход што се остварени во пари, хартии од вредност, натура или во некој друг вид.

Даночен обврзник

Даночен обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Северна Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.

Обврзник на данокот на доход е и физичко лице кое не е резидент на Република Северна Македонија за доходот што е остварен на територијата на Република Северна Македонија.

Даночна стапка

Стапката на данокот на личен доход за сите видови на доход изнесува 10%, освен за добивките од игри на среќа изнесува 15%.

Годишна даночна пријава

Органот за јавни приходи (УЈП) изготвува годишна даночна пријава за обврзникот, која ги содржи податоците за остварениот доход и платените аконтации на данокот во текот на годината за која се утврдува данокот и ја доставува до обврзникот најдоцна до 30-ти април наредната година.

Обврзникот на данокот на доход е должен да ја потврди точноста на податоците од  доставената пополнета годишна даночна пријава или да ја коригира пријавата најдоцна до 31-ви мај.

Доколку обврзникот не ја потврди или коригира доставената пополнета годишна даночна пријава до 31-ви мај, доставената пополнета годишна даночна пријава се смета за потврдена.

Данок на личен доход не се плаќа на:

  •  детски додаток и други социјални додатоци за деца;
  •   помош за претрпени штети од елементарни непогоди до пропишан износ;
  •  стипендии на ученици и студенти што ги доделуваат органите на државната управа и фондации;
  •  надоместок на лицата волонтери;
  • награди на спортисти за постигнати резултати на официјални меѓународни натпревари;
  •  финансиска помош за лекување на лица во земјата или во странство;
  • исплатени донирани финансиски средства преку отворени специјални телефонски броеви за донации кои се користат за хуманитарни цели;
  • надоместок на штета по основ на животно и неживотно осигурување;
  • уплатени премии за колективно осигурување за вработените;
  • уплатена премија за животно осигурување во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Северна Македонија;
  • уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување во висина до една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија;
  • уплатен придонес во доброволен пензиски фонд во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Северна Македонија;
  • капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд до 31 декември 2022 година;
  • камати од орочени депозити до 31 декември 2022 година;
  • камати на депозити по видување и трансакциски сметки;
  • камати по обврзници издадени од Република Северна Македонија и единиците на локалната самоуправа и
  • добивкa од општите игри на среќа која не го надминува износот од 5.000 денари.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window