27 мај 2020, Скопје – Република Северна Македонија ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Рочноста на еврообврзницата е 6 години, додека каматната стапка по која е издадена изнесува 3,675%, што е втора најниска камата веднаш по еврообврзницата издадена во 2018 година. Ова ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на кризата предизвикана од ковид-19 – најголемата економска криза после Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите произлезени од кризата.

Исто така, интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше  петпати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и на нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатлантските интеграции.

Со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра, како и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската Унија од 160 милиони евра, кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8% од БДП со ребалансот, обврските по основ на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евентуален повторен шок и зависно од развојот на настаните, делумно финансисрање на потребите за следната година.

Земјава на меѓународниот пазар на капитал има излезено 7 пати досега, вклучувајќи ја и денешната издадена еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа во 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година. Најниска камата од 2,75% има еврообврзницата од 2018 година, додека највисока онаа во 2009 година од 9,875%, но мора да се напомене дека тоа е во времето на светската економска криза.  

.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.