26 август 2018 година, Скопје – Ако до пред една година едно семејство со две минимални плати, дома го издржуваше семејството со 18 илјади денари, сега истото семејство дома носи минимум шест илјади денари повеќе.

Највидлива е разликата во плати кај трудоинтензивните дејности. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека кај овие дејности платите во јуни пораснале од 12 до 17 проценти во однос на минатата година.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски во интервју за Капитал вели дека промената од зголемување на минималната плата ја почуствувале 90 илјади граѓани.

– Растот на платите покажува дека зголемувањето на минималната плата дава резултати. Растот на платите е видлив во дејностите за кои во минатото неправедно постоеше второто и пониско ниво на минимална плата. Ние ја исправивме неправдата. Со подигнувањето на нивото на минималната плата на 12 000 за сите, промената ја почувствуваа директно 90 000 граѓани, вели Тевдовски.

На компаниите во трудоинтензивните дејности на располагање им е и финансиска поддршка за раст на платите кои се повисоки од минималната плата. Преку оваа мерка државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка за покачување на платите до 18.000 денари. Според пресметките на Министерствтото за труд и социјална политика околу 15.000 компании ги исполнуваат условите за финансиска поддршка. Мерката за раст на платите до 18 000 денари во овие дејности не беше предвидена во Владината програма. Таа е воведена на барање на работодавците.

Во Буџетот за 2018 година е предвиден раст на платите од 5% во образованието, здравството и детската заштита од септември. Владата на овој начин инвестира во темелите на оваа држава. Јасно е дека зголемувањето не е драстично, туку е во рамки на можностите. Сепак, насоката е јасна: платите во овие области мора да растат, затоа што мора да имаме силни темели, за да имаме здрава држава, вели Тевдовски за Капитал.

Животниот стандард, потенцира тој, ќе расте само ако растат платите, затоа што најголемиот дел од граѓаните живеат од својот труд и немаат други приходи од капитал.

Comments are closed.

Close Search Window