23 февруари 2019, Скопје – Во јануари фирмите добија 2,2 милијарди денари поврат на данок за додадена вредност (ДДВ), или 35,7 милиони евра. Ова е за 315 милиони денари или 16,8 отсто повеќе во однос на истиот месец лани.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека продолжува праксата на редовен и неселективен поврат на ДДВ, што е значајно за одржување на ликвидноста во стопанството.

-Редот кој го воспоставивме со повратот на ДДВ, односно обезбедувањето на редовен и неселективен – автоматски поврат, е значаен за подобрување на ликвидноста во стопанството. Со тоа се обезбедува нормално работење на фирмите, но и се стимулира инвестициската активност – истакнува Тевдовски.

Во насока на обезбедување на автоматски поврат на ДДВ, Управата за јавни приходи направи и Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници, кој ќе биде имплементиран во текот на годинава.

Инаку минатата година, Министерството за финансии изврши вкупно поврат на ДДВ кон фирмите  во износ од 23,1 милијарда денари (375,6 милиони евра). Тоа е за 3,7 милијарди денари (или 60 милиони евра) повеќе во однос на 2017 година, или за 19,3% повеќе.

 

Comments are closed.

Close Search Window