Политичката поддршка од САД за Македонија ќе продолжи и во иднина независно од исходот од американските претседателски избори, порачаа заменикот помошник на претседателот на САД, Џудит Енсли и американскиот заменик помошник државен секретар за Европа, Стјуарт Џонс на денешните средби во Вашингтон со заменик претс

Политичката поддршка од САД за Македонија ќе продолжи и во иднина независно од исходот од американските претседателски избори, порачаа заменикот помошник на претседателот на САД, Џудит Енсли и американскиот заменик помошник државен секретар за Европа, Стјуарт Џонс на денешните средби во Вашингтон со заменик претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески.

На разговорите, американските претставници изразија поддршка на реализацијата на целите на Македонија на надворешно – политички план, пред се за добивањето покана за членство во НАТО и за продолжување на придонесот на земјата за зачувување на стабилноста во балканскиот регион.

Американските претставници исто така нагласија дека високо го ценат напредокот на Македонија и дека ја разбираат „деликатноста“ на состојбата во која се наоѓа земјата и во делот на преговорите за разликите околу името со Грција, како и во однос на вчерашното признавање на Косово.

Во разговорите взаемно е заклучено дека е потребно Македонија да го следи курсот на нејзините стратешки партнери, но и да се води сметка за интересите на земјата и на регионот од аспект на постигнување стабилност.

Вицепремиерот Ставрески и министерот Славески на средбите ја потврдија определбата на Македонија за продолжување на напорите за целосна интеграција во НАТО, нагласувајќи дека во тие рамки ќе биде разгледан најновиот предлог на посредникот во преговорите за името Метју Нимиц и дека Македонија со конструктивен пристап ќе го изнесе своето мислење по изнесениот предлог.

Од американска страна е изразена поддршка за продолжување на процесот на преговори меѓу Македонија и Грција, со цел да се дојде до решение за името со кое земјата ќе добие „зелено светло“ за влез во НАТО, но кое во исто време ќе биде прифатливо за македонската страна.

Американските претставници го поздравија признавањето на Косово од страната на Македонија, при што взаемно е констатирано дека ова прагматично решение не треба да ги влоши добрите македонско – српски односи, имајќи ја предвид сензитивноста на ова прашање и за Скопје, но и за Белград. При тоа е констатирано дека не се очекуваат штети по Македонија од аспект на економските односи со Србија, а се очекува полза од односите со Косово.

Американските дипломати нагласиле дека САД сакаат целиот регион, вклучително и Србија, „да оди напред“ и на политички и на економски план.

На средбата станало збор и за напорите на Македонија за привлекување на странски инвестиции, пред се за зголемување на интересот на американските бизнисмени за вложување во Македонија. При тоа, Ставрески и Славески ги информирале своите соговорници дека во текот на ноември Македонија ќе одржи две презентации за бизнисмените во САД за можностите за инвестирање во Македонија.

Попладнево по американско време Ставрески и Славески во Вашингтон имаат средби со извршниот директор на ММФ, Ејџ Бекер, со раководителот на Одделот за Европа и шеф на Мисијата на Фондот во Македонија, Марк Грифитс, со актуелниот и со новоименуваниот извршен директор на Светската банка, Херман Вијфелс и Руд Треферс, со регионалниот координатор за Југоисточна Европа на Банката, Џејн Армитиџ и со потпретседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија, Шигео Кацу.

Comments are closed.