31 мај 2018, Скопје – Постои силна политичка волја за подобрување на управувањето со јавните финансии, беше истакнато денеска од страна на Европската комисија. Претставници на Комисијата, вклучително и амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, присуствуваа на денешниот настан за спроведување на Програмата за реформи во јавните финансии (ПФМ). На настанот се обрати министерот за финансии Драган Тевдовски, а истиот се одржа во Министерството за финансии.

Од Европската комисија ја поздравија заложбата на Владата за унапредување на јавните финансии, особено преку усвојување на долгорочна стратегија за реформи и акциски план истата да се имплементира.

На настанот беше истакнато и дека Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата за спроведување на реформите во јавните финансии.

Согласно Програмата предвидено е  во текот на годината да се направат крупни реформи во фискалниот сектор. Во рамки на тие реформи се воведувањето на среднорочно буџетирање, новиот закон за јавни набавки, даночни реформи, закон за јавна внатрешна финансиска контрола и континуирано унапредување на фискалната транспарентност.

Министерот за финансии на настанот ја поздрави заложбата на институциите во изработка и спроведување на реформите, кои како што истакна се работат со засилено темпо.

-Постои целосна политичка посветеност во остварувањето на реформските цели на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018 – 2021 година, која беше усвоена во декември 2017 година. Надлежните институции во изминатиот период работеа и понатаму ќе работат со уште позасилено темпо на спроведување на планираните реформски активности според планираната динамика утврдена во Акцискиот план-рече Тевдовски и се заблагодари и на поддршката на ЕУ во реформскиот процес.

Реформите во Програмата се структуирани во рамки на 7 приоритети чија цел е подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните трошења преку фискална дисциплина, одржливост на долгот и ефикасно, транспарентно и современо управување со јавните финансии, одржлив развој и благосостојба на граѓаните на Република Македонија.

 

 

Comments are closed.