7 јуни 2017, Скопје – Економскиот тим на Министерството за финансии денеска се сретна со делегација на Европската комисија предводена од амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Семјуел Жбогар.

Тема на средбата беа идните приоритети и реформи што треба да ги спроведе Република Македонија во насока на евроинтегративните процеси. Од страна на претставниците на ЕК беше изразена поддршка за реформските приоритети на Владата во насока на интеграција на земјава во ЕУ.

Беше дискутирано и за подобрување на координацијата, како би се зголемило ползувањето и искористеноста на европските (ИПА) фондови во земјава.

Посебен осврт беше даден на донесување Стратегија за управување со јавни финансии, за што ЕК ги поздрави заложбите на Министерството за финансии за што побрзо донесување на овој значаен документ, каде што приоритет ќе бидат фискалната консолидација и транспарентност во објавувањето на буџетските податоци. Воедно, ЕК продолжува со поддршката во насока на отпочнување нов циклус за подготовка на Програмата за економски реформи, која е еден од носечките документи во претпристапниот процес на Република Македонија.

На средбата и двете страни ја потврдија јасната заложба на Македонија за членство во Европската Унија.

Comments are closed.