Скопје, 30 октомври 2011 (МИА) – Согласно програмата за работа на Владата во делот на царинската тарифа и поддршка на бизнис климата, предвидени се активности за намалување на царинските давачки од 1 јануари 2012 на повеќе видови стоки што се наменети за неколку индустрии и сектори значајни за вкупната економска активност во државата, најави вицепремиерот и мининистер за финансии Зоран Ставрески на денешната отвотрена владина седница.

 

– Со предложените измени на Законот за царинска тарифа се предвидува намалување на царината на 100-тици полупроизводи, суровини и репроматеријали што се користат од страна на овие индустрии кои врз основа на досегашните барања и контакти со бизнис заедницата очекуваа да го направиме она што го ветивме во програмата, иако можеби економскиот амбиент сега не е најповолен за ново намалување на царини, бидејќи од аспект на Владата и државата тоа ќе значи намалување и на приходите во буџетот, рече Ставрески.

 

Сепак, потенцираше, ветување е ветување и Владата треба да опстои на тоа со динамиката која е наведена во програмата за работа.

 

– Се работи за следните сектори – поддршка на прехранбената индустрија и производство на сокови, преку укинување на царинските давачки за бел шеќер од 30 на 5 отсто и ќе се намалат на нула проценти давачките за суров шеќер, за рафинирање од шеќерна репка, друг суров шеќер од шеќерна репка и меласа. Се укинуваат давачките од 5 на 0 проценти на низа репроматеријали за производство на пире за сокови и концентрат од овошје кои не се одгледуваат кај нас, потенцираше Ставрески.

 

Министерот информираше дека се воведуваат нови национални тарифни ознаки за распоредување репроматеријали за сокови, со што се намалуваат и царинските давачки за истите и како што рече, се укинуваат целосно царинските давачки за полиетиленски фолии што се користат во амбалажата на прехранбени производи.

 

– Со укинување на царинските давачки за семенски материјали што се користат во земјоделството се врши укинување на царинската давачка за увоз на мотокултиватори за да биде понизок трошокот за семенски материјал и да се зголеми продуктивноста на работењето, додаде вицепремиерот.

 

Во областа на спортот, рече Ставрески, се укинуваат и царински давачки за низа спортски производи, како скиите, сноуборди, производи и опрема за пинг понг, гимнастички справи за вежбање, тениски рекети и слично.

 

– Во исто време предлагаме со измени на царински закон да поминат и останатите работи ветени во програмата за намалување за царините што ќе се реализираат од 1 јануари 2013 година. Во тој дел ќе има укинување на сите царински давачки за автобуси и минибуси. Од 10 и 15 проценти, ќе ги сведеме на 5 отсто.

 

Укинување на царински давачки наменети за вагони за железницата од 4 на 0 проценти, а во делот на поддршка на автомобилската индустрија предвидуваме укинување на царините за репроматеријали и производство на резервни делови за автомобили од 15 на 0 проценти и во делот на индустриското производство за голем број компании имаме укинување на царината на голем број алатни машини што се користат во металопреработувачката индустрија, почнувајќи од 2013 година, рече Ставрески.

 

Comments are closed.