Владините тимови определени за посета на компании во рамки на проектот за отворен дијалог со бизнис заедницата и разговор околу последиците од економската криза веќе посетија дел од компаниите. Министерството за финансии, задолжено за прашањата поврзани околу имотно-правните односи од предвидени 50, посети 20-тина компании од кои се произлезени три сета на прашања, а останатите тимови кои треба да посетат вкупно 100 компании посетија повеќе од половина. До крајот на месецот се очекува да заврши посетата на предвидените компании во првата фаза од овој проект.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната заедничката прес-конференција со вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, посочи дека трите сета прашања се однесуват на нерешени имотно-правните односи, прашања поврзани со процесот на денационализација, како и во однос на висината за надоместокот за приватизација на земјиштето.
 
Во однос на првиот сет прашања, министерот Ставрески посочи дека станува збор за случаи во кои фирмите сакаат да го приватизираат земјиштето, но немаат документи со кои ќе докажат дека имаат корисничко право.
 
– Основен услов за приватизација на изградено градежно земјиште е корисникот да има сопственост над објектот и да има корисничко право над земјиштето. Има фирми кои, заради тоа што во изминатиот период не биле целосно фокусирани на овие прашања, не го регурале тој статус и сега се соочуваат со проблем. Од една страна сакаат да го приватизираат земјиштето, а од друга страна немаат документи со кои ќе докажат дека се сопственици на објектот, односно дека имаат корисничко право на земјиштето. Овие прашања ќе може да се решат низ овој процес, а дел се започнати и се решаваат низ судскиот систем, истакна министерот Ставрески.
 
За вториот сет прашања, тој, појасни дека станува збор за случаи во кои фирмите сакаат да откупат земјиште во околината на објектот за кое е почната постапка за денационализација и која според законот мора да чекаат да заврши за да може да се откупи земјиштето. Во вакви случаи, министерот Ставрески, истакна дека ќе се оди кон тоа да се забрза процесот на денационализација.
 
Во однос на прашањето за висината на надоместот за приватизација на земјиштето, министерот за финансии истакна дека има различни ситуации.
 
– Има ситуации каде земјиштето што фирмата сака да го приватизира се наоѓа во околина каде просечната продажна цена е пониска од онаа во уредбата на Владата и тогаш има интерес за намалување на цената. Има и обратни ситуации, земјиштето што го има фирмата се наоѓа во област во која просечната цена е повисока отколку што е утврдена во уредбата на Владата и во тој случај фирмите имаат интерес да го откупат земјиштето според утврдената цена, рече министерот и додаде дека во таа насока се разгледуваат одделните ситуации. Откако ќе се направат посетите на сите фирми и откако ќе утврдат поединечни случаи за што се работи и каков е проблемот Министерството за финансии ќе достави до Владата сублимирана информација како да се решаваат прашањата за овие 50-тина фирми.
 
Тој потенцира дека активноста не завршува со посетата на овие 50 компании избрани во првата фаза, туку дека и натаму ќе продолжи со сите други заинтересирани фирми за решавање на прашања од областа на имотно – правните односи.
 
Изборот на фирмите, што ги посетуваат утврдените владини тимови е направен од страна на стопанските комори. Побарано е да бидат компании од различни дејности и различна големина за да се добие репрезентативен примерок. Вклучени се, како што посочија Ставрески и Пешевски, и од индустријата, и од услужниот сектор и мали и средни и големи петпријатија. Се наоѓаат во повеќе населени места за да се добие целосен пресек врз економијата.
 
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека од досега посетените компании од страна на другите тимови определени од Владата, а кои ги опфаќаат сите прашања поврзани со функционирањето на системот се утврдени прашања кои се насочени кон скратување на одредени административни постапки, барањае за смалување на определени трошоци, потоа забелешки во делот на пристапот на финансирање, како и барања за помош со средства од буџетот.
 
Пешевски очекува дека сите избрани компании во оваа прва фаза ќе се посетат до крајот на месецот и оти потоа ќе се подготви информација со конкретни предлози на она што Владата треба да направи со цел да се подобри деловното опкружување.
 
– Целта е континуирано да се подобрува деловното опкружување, а не да се прави политички маркетинг, истакна Пешевски и додаде дека доколку се сакало да биде политички маркетинг немало да се објави проектот кога е речиси при крај.
 
Тој истакна дека ќе прерасне во континуиран процес и натаму да се посетуваат компаниите и да се задржи комуникацијата меѓу Владата и бизнис секторот.
Врз основа на податоците од оваа прва фаза на проектот ќе се подготви прашалник кој ќе биде поставен на веб страницата на Владата каде ќе може компаниите да ги посочуваат своите сугестии.(МИА)