20 декември 2019, Скопје – Пречистителна станица Скопје, една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава, која трајно ќе го реши третманот на отпадните води од градот Скопје и ќе има големо влијание врз заштитата на животната средина, може да почне да се реализира. Обезбедени се 136 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со потпишување на договорите со овие меѓународни финансиски институции денеска во Министерството за финансии.

На потпишувањето присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, евроамбасадорот Самуел Жбогар, директорот на ЈП Водовод Душко Весковски и претставници на Град Скопје.

Од ЕБОР се обезбедени 58 милиони евра, од ЕИБ се обезбедени 68 милиони евра, а за реализација на овој крупен инфраструктурен зафат, Република Северна Македонија доби и грант средства од ЕИБ во износ од 10 милиони евра.

-Подоброто утре секогаш почнува денес. Инвестираме во проект што му е ургентно потребен на Скопје, затоа што зголемувањето на населението, урбанизацијата и брзата индустријализација континуирано ја зголемуваат количината на непрочистени води што домаќинставата и фирмите ги испуштаат во Вардар – рече министерката Ангеловска.

Пречистителната станица, со која урбаните отпадни води ќе се третираат во согласност со стандардите на ЕУ, ќе опслужува над 500.000 жители.

Директорката за инфраструктура на ЕБОР Сузан Горансон истакна дека во моментов, Скопје е еден од неколкуте главни градови во Европа кои немаат пречистителни станици за отпадни води. 

-Проектот ќе го смени ова. Со него за првпат ќе се воведат услуги за третман на отпадни води во градот Скопје, и ќе се опфатат 9 од неговите 10 општини. Покрај подобрување на услугите за граѓаните на Скопје, влијанието на овој проект ќе биде многу пошироко. Со него ќе се намали загадувањето на реката Вардар што позитивно ќе влијае врз животот на граѓаните течението на реката.  Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води во справување при екстремни временски непогоди – рече Горансон и дополни дека проектот е дел од Програмата на ЕБОР за зелени градови.

Директорот на ЕИБ за кредитирање за Словенија, Хрватска и Западен Балкан Матео Ривелини истакна дека Проектот ќе донесе многу значителни придобивки за граѓаните од оваа земја, во нивниот секојдневен живот.

-За нив, почиста река значи подобра градска канализација, подобро јавно здравје и подобра животна средина – рече Ривелини и се заблагодари на Бугарија, Хрватска, Италија, Литванија, Луксембург, Полска, Словачка, Словенија и Обединетото Кралство, кои од нивните национални буџети обезбедија 10 милиони евра грант средства за финансирање на Пречистителна станица Скопје.

Директорот на ЈП Водовод и канализација Душко Весковски рече дека јавното претпријатие веќе две години, почнувајќи од 2018 година до сега вложиле многу ресурси, капацитети и инвестициски чекори за реализација на овој проект.

-Поставивме нови технолошки стандарди за модернизација на процесите за третман на отпадните води, формиравме проектна единица – тим од експерти и инжинери кои посветено работат во областа третман на отпадни води. Подготвивме технички планови за реконструкција на водоводната и канализациска инфраструктура за задоволување потребите на ПСОВ Скопје се со цел подобрување на услугите кон граѓаните на град Скопје. Бевме во постојана комуникација со сите засегнати страни на овој проект, за денес да сме тука каде што сме, подготвени за сите предизвици и чекори кои не очекуваат во периодот што следува – рече Весковски.

Амбасадорот на Европската унија во земјава Самуел Жбогар рече дека на овој начин покажуваме како ја третираме животната средина не само на краток рок туку и на долг рок.

-Овој проект е инвестиција за идните генерации во земјата. Покрај тоа, на овој начин покажуваме дека постигнувањето на целите во Новиот Европски Зелен Договор е заеднички напор а не само декларација. Верувам дека овој проект е само првиот чекор во таа насока – рече Жбогар.

Министерот за животна средина Нуредини посочи дека со поддршка на Европската Унија, за првпат во Република Северна Македонија успешно беше завршена изградбата за пречистителни станици за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево, а со билатерална помош биле изградени и пречистителни станици за отпадни води во Гевгелија и Кочани. Тој посочи дека набрзо ќе се започне и со изградбата на пречистителни станици за отпадни води и во Битола и во Тетово, која е предвидена да биде финансирана со ИПА 2 инструментот, а подготвена е и техничка документација за пречистителни во Велес и Штип.

Comments are closed.

Close Search Window