19 декември 2019, Скопје – Преку потпишување на договори во вредност од 107,6 милиони евра со КфВ банката, од кои 7,6 милиони евра грант средства, ќе се финансира Програмата за наводнување на Северна Македонија, како и проектот за енергетска ефикасна рехабилитација на студентските домови. Денеска во Министерството за финансии министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот за образование и наука Арбер Адеми, го потпишаа договорот со директорите за општинска инфраструктура и за енергија и транспорт во КфВ банката – Кирк Милднер и Пабло Обрадор.
Програмата за наводнување на Северна Македонија има вкупна вредност од 110,7 милиони евра. Од нив, 80 милиони евра се обезбедени од германската банка КФВ, под исклучително поволни услови со каматна стапка од 0,43% плус ЕУРИБОР, со рок на отплата од 15 години и вклучен греjс период од 5 години. Дополнително, банката обезбедува грант од 2,8 милиони евра, а 27,9 милиони евра се учество на Република Северна Македонија.
За Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови се обезбедени 20 милиони евра со каматна стапка од 0,52% плус ЕУРИБОР, со рок на отплата од 15 години и грејс период од 5 години. Исто така, обезбеден е и грант во износ од 4,8 милиони евра од Европската унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност.
– Со Програмата за наводнување ќе обезбедиме да стигне вода до 14.000 хектари посеви, а со Проектот за енергетска ефикасност, младите луѓе сместени во седум државни студентски домови ќе добијат подобри услови за живот и учење, во објекти кои ќе бидат енергетски ефикасни. И двата проекти се поврзани со најзначајните актуелни теми – климатските промени, енергијата од обновливи извори и инвестирањето во човечки капитал – рече Ангеловска.
Таа посочи дека преку Програмата за наводнување се предвидува рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар – Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште, како и изградба на мали хидроцентрали на хидросистемот Лисиче, кои ќе бидат дел од системите за наводнување.
-Целта на оваа Програма е зголемување на наводнуваните обработливи површини и зголемување на земјоделското производство преку достапност и ефикасно користење на водните ресурси. Воедно, планираните инвестиции преку оваа Програма ќе овозможат и производство на електрична енергија што ќе придонесе за ефикасно функционирање на ХС Лисиче – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Со Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови ќе се изврши реконструкција на 7 студентски домови: Народен херој Орде Чопела – Прилеп, Кочо Рацин – Битола, Никола Карев – Охрид, Браќа Миладиновци – Штип, Томе Стефановски Сениќ – Скопје, Пелагонија – Скопје, Кузман Јосифовски Питу – Скопје.
-Говориме за темелна реконструкција која подразбира енергетски ефикасни мерки, структурални мерки и мерки за подобрување на комфорот во домовите. Тоа опфаќа замена на внатрешни и надворешни прозори и врати, замена на кровните конструкции, инсталација на фасадни системи, инсталација на канализациони и дренажни системи во и околу објектите, замена на електрична инсталација, поставување на нови системи за греење – онаму каде постојат можности ќе се постават и системи кои ќе работат со обновлива енергија, понатаму обнова на санитарните јазли, кујните, обезбедување на противпожарна заштита и така натаму. Буквално замена на секоја една позиција, или ставка што може да се предвиди со процес на целосна реконструкција-рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Директорот за енергија и мобилност на КфВ Пабло Обрадор истакна дека главниот фокус на македонско-германската соработка е од областа на животната средина. Тој посочи дека преку Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови ќе се намали потрошувачката на енергија за околу 40%, што ќе ја намали емисијата на CO2 за околу 2400 тони годишно. За Програмата за наводнување, рече дека целта е да се зајакне одржливото земјоделско производство преку обезбедување водни ресурси. Со грант средствата од 2,8 милиони евра ќе се одржат обуки за одржување на системите.
Заменик амбасадорот на СР Германија во земјава Ото Граф рече дека земјоделството во Северна Македонија игра важна улога, како и дека тоа е една од областите каде се усогласуваме со Европската унија, за што ја имаме поддршката од Германија. Со проектот за енергетска ефикасност пак, рече дека ќе се обезбедат подобри услови за студентите.