Средствата од Европската инвестициска банка наменети за мали и средни претпријатија како одговор на кризата се веќе достапни за претпријатијата. Договорите за заемот и за гаранциите од страна на државата ги потпишаа денеска министерот за финансии Трајко Славески, претставникот на Европската инвестициска банка Доминик Курбин и заменик-директорот на Македонската банка за поддршка на развојот Кенан Идризи.

&nbsp

Министерот за финанси очекува кон крајот на август да се одобрат и првите кредити, но сега повлекувањата на средставата, како што вели, зависи од претпријатијата, деловните банки и Македонската банка за поддршка на развојот. – Целата работа сега излезе од Министерството за финансии и зависи од другите играчи, истакна министерот Славески кој порача претпријатијата да доставуваат издржани проекти кои ќе бидат одобрени од страна на деловните банки.

&nbsp

Засега не е познато преку кои комерцијални банки ќе се пласираат средствата од овој заем во износ од 100 милиони евра, но заменик-директорот Идризи вели дека со сите се преговара, но оти изборот ќе го изврши Европската инвестициска банка.

&nbsp

Комерцијалите банки преку кои ќе се пласираат средствата се тие кои ќе одлучуваат кои проекти ќе бидат поддржани. А од Македонската банка за поддршка на развојот, која го добива заемот од Европската инвестициска банка, очекуваат брз одговор на барањата и одобрување на кредитите. Идризи потенцира дека од заемот придобивка ќе имаат и банките бидејќи ќе ги добијат средствата со ниска каматна стапка и ќе може да обезбедат средства за поддршка на проектите, во кои пак тие треба да учествуваат со 50 проценти од вкупниот износ.

&nbsp

Првата транша од заемот, како што беше истакнато, ќе се земе со варијабилна каматна стапка која ќе изнесува два процента. Каматната стапка по која ќе се пласира од комерцијалните банки за крајните корисници ќе биде максимално шест проценти. Заемот ќе се повлекува во најмногу 25 транши, а каматната стапка ќе се одредува за секоја транша одделно, при што може да се избере дали ќе биде фиксна или варијабилна. Рокот за пласирање на заемот е две години.

&nbsp

И од Европската инвестициска банка сметаат дека средствата ќе имаат огромна корист за малите и средните претпријатија, кои, како што рече Курбан, во време на криза се соочуваат со тешкотии при добивање финансиски средства од банките.

&nbsp

Европската инвестициска банка е вклучена и во други проекти во Македонија, а Курбан заклучува дека сите добро напредуваат. ЕИБ финансираше дел од скопската обиколница, заинтересирана е за учество во завршување на автопатот од Коридорот – 10, како и за проекти за третман на води.(МИА)

Comments are closed.