30 мај 2019, Скопје – Република Северна Македонија и Обединетото Кралство потпишаа Меморандум за размена на информации и знаења за сузбивање  даночни и царински кривични дела и перење пари помеѓу двете земји. Потписници на Меморандумот се Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Северна Македонија и неговите управи, односно: УЈП, Царинска управа, Финансиска полиција и Управа за финансиско разузнавање.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека Обединетото Кралство дава голема поддршка за реформските процеси во Министерството за финансии и управите. Тој рече дека еден од приоритетите на Владата е сузбивање на неформалната економија и корупцијата, а потпишаниот Меморандум ќе даде придонес кон тоа.

Тевдовски посочи дека земјата, за првпат, има Стратегија за формализација на неформалната економија и дека веќе се спроведени активности од Акцискиот план.

–  Во рамки на тие активности се Законот за спречување перење пари со кој ги ограничивме готовинските трансакции во вкупниот промет. Исто така, во рамки на тие активности се работи на креирање систем на соработка на институциите во областа на сузбивање на неформалната економија на национално и на локално ниво, преку размена на податоци. Се работи и на јакнење и унапредување на капацитетите на институциите, дигитализирање на нивните процеси, кои веќе даваат резултати во подобрена наплата на приходи во Буџетот – рече министерот за финансии и посочи дека од минатата година земјата е и членка на Инклузивната рамка БЕПС, развиена од страна на ОЕЦД, каде што заедно со уште 128 земји учествува во преземање мерки за спречување на можностите за одбегнување плаќање данок.

Директорот на Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство Ендру Павлинич посочи дека Република Северна Македонија е лидер во иницирање размена на информации на Западен Балкан. Тој рече дека на барање на директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија,  Танасковски, Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство поддржала иницијатива за размена на податоци помеѓу царинските управи на Северна Македонија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, согласно системот на Светската царинска организација. 

Амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија Рејчел Галовеј истакна дека Обединетото Кралство инвестира во развој на капацитетите во регионот на Западен Балкан. Таа посочи дека треба да работиме заедно во сузбивање на прекуграничниот криминал. Галовеј рече дека соработката помеѓу властите и царинските управи е клучна во развојот на здраво и стабилно партнерство, кое ќе придонесе за поголема сигурност и просперитет.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасковски рече дека последните две години се интензивира соработката со царинските органи на Обединетото Кралствово насока кон подобрување на постојните и примена на нови техники на работење преку размена на информации и најдобра практика во областа на борбата против криминалот, забрзување на царинските постапки и трговијата воопшто. Во рамки на соработката со Обединетото Кралство направени се напредни обуки од областа на контролите, истрагите и разузнавањето, а донирана е и специфична опрема за преглед и откривање на царинските прекршоци, рече Танасковски.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на потпишувањето на Меморандумот изјави дека Управата за јавни приходи спроведува повеќе мерки за спречување одлив на средства од Буџетот. Во тој контекст, кон крајот на 2018 година биле донесени измени во кривичниот законик при што се пропишале нови кривични дела ,,Даночна измама“ и ,,Избегнување плаќање акцизи“, со кои се прецизираат  и санкционираат дејствијата кои директно го оштетуваат Буџетот. Лукаревска посочи дека иако пропишувањето јасна и прецизна законска  регулатива како и подобрувањето на соработката помеѓу институциите се значаен исчекор во борбата против даночните затајувачи, сепак во современите економски текови во меѓународната трговија неопходно е подобрување на меѓународната соработка со даночните администрации од други земји.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов рече дека перењето пари и финансирањето тероризам се едни од најкомплексните кривични дела за докажување. Тој посочи дека за големи предмети со големи суми, каде што се вклучени меѓународни криминални групи, без помош од државите како што е Велика Британија, која има развиена финансиско разузнавачка мрежа, ние како држава не би можеле да собереме квалитетни докази за да го докажеме перењето пари и финансирањето тероризам.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми рече дека Управата со воведувањето на новото кривично дело „Даночна измама“ се подготвува за превенирање и спречување на даночните затајувања и даночните измами, особено по влезот на Република Северна Македонија во Европската Унија кога ќе се врши и поврат на данок на додадена вредност со употреба на фактури за набавени стоки и услуги од земји на Европската Унија. Тој посочи дека Управата за финансиска полиција во последниве две години засилено работи на продлабочување на  меѓуресорската координација во државата како и на унапредување на меѓународната соработка.

Comments are closed.