Министерството за финансии ги започна подготовките за буџетот за наредната година. Според проекциите се очекува порастот на БДП да изнесува 3,5 проценти, инфлацијата да се движи меѓу 2 и 2,5 проценти, а дефицитот да биде на ниво од 2,5 проценти од БДП.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески стапката на раст од 3,5 проценти е реална и оптимална и се темели на порастот што го остварува европската економија како клучен фактор за раст на македонската економија.
 
– Мислам дека ова сценарио е оптимално или реално. Во едно оптимистичко сценарио имаме разгледувано и сценарио во кое БДП би растел 4 проценти, а во песимистичко некаде 3 проценти, така што сметавме дека е реално сценариото за раст од 3,5 проценти со оглед на последните информации за тоа што се случува во европската економија, изјави министерот за финансии.
 
Тој додаде дека во однос на растот за оваа година, согласно индикаторите има добри шанси да се рализира планираниот раст од 2 проценти.
 
– За оваа година македонската економија во втората половина и според последните индикатори за движење на индустриското производство и спроед случувањата на буџетот каде приходите се се подобри и би требало да се оствари подобар раст отколку што имаше во почетокот на годината. Во целина ќе дојдеме до растот што е предвиден од 2 процента. Како и секоја проекција постојат ризици за надолу и нагоре може да биде полошо од тоа, но може да биде и подобро од тоа, истакна Ставрески.
 
На среден рок во 2012 и 2013 година, како што соопшти министерот, македонскиот БДП се очекува да ги достигне стапките на раст од пет и над пет проценти. За планираниот буџетски дефицит посочи дека тој е на ниво од 2,5 проценти, главно заради тоа што се планираат зголемени инвестиции особено во транспортната инфрастуктура, а во 2012 и натаму тој ќе се сведе на 2 проценти.
 
Тој соопшти дека буџетот за 2011 ќе биде приближно на нивото од оваа година зголемен за оној реален раст на економијата, односно на БДП.
 
– Нема да има некое значајно зголемување во апсолутен износ, а во релативен износ ќе останеме на ова ниво, рече министерот Зоран Ставрески.(МИА)