Граѓаните до 27 јануари следната година имаат можност да го откупат дворното место од државата по 1 евро за метар квадратен. По овој период ќе треба да склучат договор со неа за закуп.
 
Со цел да се поттикнат граѓаните да ја искористат оваа можност во наредниот период, Минситерството за финансии почна кампања за да ги информира за можностите преку печатените медиуми, националните и локални телевизии, како и преку радио станиците. Ова е прва кампања што се спроведува во оваа област. Чини 250 илјади евра, а ја спроведе „Република“, избрана на јавен оглас.
 
Целта, како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на средба со новинарите, е да се подигне вниманието на граѓаните да ја искористат оваа можност да го откупат земјиштето по симболична цена од едно евро, до 27 јануари кога истекува законскиот рок за откуп на дворното место.
 
Од почетокот на мерката, од септември 2009 – досега барања имаат поднесено 20.000 домаќинства или четвртина од вкупниот број 80.000 барања поднесени од 2005 досега. Министерот очекува дека оваа бројка ќе биде поголема во наредните месеци со спровеудвање на кампањата.
 
Се очекува уште најмалку 30.000 до 40.000 барања да пристигнат доколку сакаат сите граѓани ја искористат оваа можност.
 
Министерот Ставрески смета дека откупувањето на дворното место е многу поисплатлива варијатна од плаќање закуп.
 
Според него, нема да има продолжување на рокот за откуп на дворното место по 27 јануари 2011 година.
За да се информираат граѓаните дополнително ќе бидат организирани и средби во одредени населени места.