Скопје, 23 декември 2011 (МИА) – Проектот „Купи куќа, купи стан“ почнува со практична реализација. По денешното потпишување на договорите меѓу Министерството за финансии и осумте банки што се вклучени во проектот може да почне поднесувањето на документите од страна на граѓаните. Се очекува во април да бидат одобрени првите кредити.
Договорите денеска ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески со директорите на банките учеснички во проектот – НЛБ Тутунска, Стопанска банка – Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка – Битола.
– Денеска е голем ден за мене како министер кој ставил потпис на еден суштински проект. Но уште поубаво се чувствувам како човек, знаејќи дека со него директно ќе придонесеме за подобар живот на илјадници граѓани на Република Македонија, изјави министерот Ставрески по потпишувањето на договорот, на кој гледа како можност за 2.000 до 2.500 граѓани, односно семејства да ја почувствуват топлината на сопствениот дом. – Оваа можност ќе придонесе за обезбедување работа за градежниците, поттикнување на градежништвото, а со тоа и на економијата во целост.
Потенцирајќи дека немањето сопствен дом е еден од најголемите проблеми за илјадници македонски граѓани, особено за младите брачни двојки, истакна дека овој проект е токму можност за нив, но и за сите други граѓани во Македонија со ниски и средни примања кои немаат свој стан.
– Проектот е наменет и за градежниците. Со него се очекува да се зголеми интересот на инвеститорите за изградба на нови станбени објекти. Со зголемување на понудата на станови ќе се создадат услови за намалување на цената на становите. Со поттикнувањето на градежништвото воедно ќе дојде до зголемување на вработеноста во овој сектор, рече министерот.
Директорот на НЛБ Тутунска банка Ѓорѓи Јанчовски, говорејќи од името на банкарите, рече дека банките го прифатиле овој проект од аспект на општествена одговорност и покрај тоа што не дава профитабилност како другите нивни продукти.
– Доколку се остварат планираните бројки од 2.500 би се помогна.о во надминувањето на негативните ефекти од очекуваната рецесија во наредната година, а воедно ќе се поддржиу и градежништвото, истакна Јанчовски.
Според генералниот директор на Стопанска банка – Скопје Глигор Бишев, банката влегла во овој проект исклучиво од банкарски аспект и оти не очекува да има голем процент на нефункционални кредити од овие. – Нефункционалните кредити во Стопанска банка се 1,6 отсто, а кај овие очекуваме да биде под 0,5 отсто, рече Бишев.
Преку проектот може да се земе кредит за нов стан или изградба на куќа. Има две варијанти. Со едната „пола-пола рата“ Владата неповратно ќе обезбеди средства за половина од месечната рата од станбениот кредит во првите пет години. Со вториот модел „пола учество“ државата ќе плати 50 отсто од учеството за кредитот. Кај првиот модел каматата во првите пет години е 4,99 отсто за првите три и 5,5 отсто за следните две години.
Условите кои треба да се исполнат од граѓаните кои сакаат да го користат првиот или вториот модел се исти, односно кредитот да не биде поголем од 50.000 евра со рок на отплата од 20 години, да немаат приходи над 900 евра, а вредноста на станот или куќата да не биде поголема од 900 евра за метар квадратен.
Од понеделник Министерството за финансии ќе почне со објава во медиумите со која ќе се информираат граѓаните за постапката на аплицирање за учество во проектот. Доставувањето на апликациите во осумте банки ќе може граѓаните да ги поднесуваат од 25 јануари. Првите кредити од страна на деловните банки се очекува да бидат одобрени до крајот на март идната година.