Скопје, 29 јануари 2014 (МИА) – Стартува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени 17 општини. Инвестицијата од околу 100 милиони евра ќе се реализира за 5 години, по принципот на јавно-приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година.

Како што соопшти денес премиерот Никола Груевски на прес-конференцијата во Владата, проектот предвидува гасификација на целата земја. Изградбата на дистрибутивниот систем ќе почне во 2015-та година и за 5 години, до 2019-та година, треба да се реализираат најмалку 70 отсто од планираната инфраструктура.

– Од денес почнува конкретната операционализација на проектот за гасификација во Република Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да дојде до оваа точка. Тоа не беше нималку лесна и едноставна работа иако некои структури се обидуваат да ја прикажат така, рече Груевски.

Проектот, додаде, ќе биде изведен по сите стандарди, не парцијално туку интегрално, без импровизации туку со цврсти планови и програми.

– Беа потребни многу подготовки, изработка на мега проекти, средување имотно-правни и земјишни односи, правање многу анализи и, секако, најбитното, требаше да се обезбеди темел, договор за снабдување со гас на цела Македонија. Посветено и одговорно, трпеливо и интензивно, за повеќе од четири години сработивме сè што е потребно и обезбедивме договор со Руската Федерација за снабдување со гас и го реализиравме клучниот предуслов за почеток на гасификацијата, потенцира премиерот.

Јавниот повик за изнаоѓање приватен партнер ќе биде објавен во следните неколку дена, а ќе трае до 25 мај годинава. Договорот ќе се однесува на период од 20 години по што, системот за природен гас ќе се пренесе во сопственост на државата.

Со гасификацијата, освен општините во Скопје, опфатени ќе бидат уште седум општини од околината: Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново.

Според анализите, заштедата на граѓаните кои за загревање користат парно, дрва, струја и екстра лесно гориво ќе бидат драстично намалени. Ако објект што се грее на парно биде приклучен на природен гас, годишно ќе заштеди 24 отсто ако е за домување, или 30 проценти ако е комерцијален.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.