Секој нареден ден непотпишување на Законот за енергетика од страна на Бранко Црвенковски ја чини Македонија нови 136.986, 30 евра. Или 273 компјутери дневно за македонските ученици. Или….
Со одлуките за аболиција на лице осомничено за финансиски криминал и непотпишување на законите кои ги донесе Собранието на предлог на Владата на Република Македонија, Бранко Црвенковски до крајни граници ги девалвира трите независни власти во демократскиот поредок: извршната власт, Собранието како највисок законодавен дом и судската власт. Ги девалвира функционирањето на правото, демократијата, почитувањето на презумпцијата за невиност и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ги девалвира робусните економски реформи по кои Македонија денес е препознатлива во светот. Но, најмногу и пред се тој ја девалвира сопствената држава во очите на сиот прогресивен и демократски свет, кој тешко може да го разбере пристапот на „расфрлање со подароци за децата да се одоброволат и вратат таму каде што им е местото“. Иако според Уставот во одредени околности постои можност за користење на ова право, како и во сите демократски држави неговата употреба треба да биде крајно внимателна, селективна и користена само ако постои силна аргументација. Ништо од ова не беше почитувано во конкретниот случај. Но, тоа не се единствените негативни последици од овој чин. Само со непотпишувањето на Законот за енергетика, Македонија дневно губи 136.986,30 евра. Тоа се буџетски пари кои МЕПСО сега ги плаќа за набавка на скапа електрична енергија од увоз по над 80 евра /MWh, која потоа поради решенијата во стариот закон му ја продава на ЕВН по многу пониска регулирана цена од 30 евра. Притоа, МЕПСО има обврска да го снабди ЕВН со електрична енергија и за т.н. комерцијални загуби настанати како последица на послаба наплата од страна на ЕВН. Тоа всушност е главната причина за загубите на МЕПСО и за трошењето на големи буџетски пари за покривање на трговскиот дефицит по оваа основа. Е тоа треба да се смени со новиот закон, со што МЕПСО (државата) би заштедил околу 50 милиони евра годишно!

Но, тоа не е се’. Со непотпишувањето на законот се спречуваат домашни и странски инвестиции, кои бараат пониски трошоци на производството, а се штитат монополи создадени во периодот на матната трансформација на капиталот; се спречува можноста за намалување на скапиот увоз; се спречува финансиското заздравување на ЕЛЕМ и на МЕПСО, државните компании во енергетскиот сектор; се спречува реконструкцијата на постојните хидроелектрани и ревитализацијата на рудниците; се кочи изградбата на нови електрани чие производство ќе го дополни недостигот од електрична енергија; се спречува достапноста на поголем број фирми и домаќинства до системот на гас како поевтин енергенс; итн. Ако се има предвид дека сите овие измени во новиот закон за енергетика успешно го поминаа тестот на Брисел и постои писмена потврда од Европската комисија дека се целосно усогласени со европските директиви, однесувањето на Црвенковски во овој случај е уште посимптоматично.

Со непотпишувањето без издржано објаснение и аргументација, јасно е дека личниот и партиски интерес е ставен пред интересите на сопствената држава и нејзините граѓани. За волја на вистината, државниот интерес, како и интересот на обичните луѓе, на македонски лидери од тој ков ниту денес им е ниту некогаш им бил значаен. Да беше поинаку, да имавме поинакви лидери во транзицијата, денес Македонија немаше да заостанува децении зад Словенија и други слични држави. Но, интересите на граѓаните им се значајни на новите прогресивни лидери и сили кои денес упорно се борат да ја истргнат државата од канџите на мрачното минато. Значајни се и за многуте „губитници“ ,кои конечно сакаат да се стави крај на лошата транзиција, а сосе неа и на транзициските профитери, чиј залог во создавањето на богатството беа токму судбините на илјадници пауперизирани луѓе. Конечно, значајни им се на двата милиона македонски граѓани, кои сакаат само едно – подобар живот во нормална држава. Сакаат да живеат во држава во која сите, а посебно „државниците“, навистина ќе ги штитат државните интереси. А не сопствените интереси. И не интересите на олигарсите и поодделни фирми со кои веројатно се испреплетени во должничко-доверителски односи од типот „на ти – дај ми“. Секако, сите добро познати „играчи“ во овој галиматијас заработуваат на товар на македонските граѓани, меѓу кои се и двестете и нешто илјади на кои “државниците” секои четири години се сеќаваат и истите гласаат за подобар живот. А тогаш кога со дело, а не на зборови треба да им обезбедат подобар живот на граѓаните – тогаш кога како во конкретниов случај треба 136.986,30 евра дневно да останат во македонскиот буџет и да се вложат во нови училишта, книги, клупи, болници, лекови, повисоки плати и пензии, подобри патишта, нови пруги, електроцентрали, во поддршка на земјоделците и претпријатијата, полицијата и војската – „државниците“ одлучуваат тие средства да се прелеваат секој ден во некоја приватна фирма. Која ете, од ќеф, некој решил дневно да ја чести со 136.986,30 евра државни пари. Од 22 јули (кога го доби законот на потпис) до денес 8 август, непотпишувањето на законот ја чини Република Македонија точно 2.465.753,42 евра (два милиона четиристотини шеесет и пет илјади седумстотини педесет и три евра и 42 евроцента).

Тоа се средства со кои можеа да се купат точно 5.000 најсовремени компјутери за македонските ученици. Да се изградат 3 нови училишта или да се реконструираат 15 постојни. Да се купат 15 мамографи за порано откривање на ракот кај жените во секој поголем град во Македонија. Или дополнително да се зголемат пензиите за 5 отсто. Да се купи еден нов противпожарен авион. Или да се засадат 5 милиони дрвца. Да се обноват сите социјални центри во Македонија. Или да се опремат лабораториите на 5 научноистражувачки центри. Или да се зголемат за 5 отсто субвенциите за македонските земјоделци. Или да се купи нова опрема за македонските хидроцентрали и рудници. Или…Наместо сето тоа, Бранко Црвенковски одбра Македонија да трпи штета од 50 милиони евра и со државни пари и понатаму да се покриваат комерцијалните загуби на една приватна фирма.

Зошто?

П.С.Одбројувањето продолжува. Секој нареден ден непотпишување на Законот за енергетика од страна на Бранко Црвенковски ја чини Македонија нови 136.986, 30 евра. Или 273 компјутери дневно за македонските ученици. Или…

Зоран Ставрески

Comments are closed.