Првата општинска обврзница, како нов инструмент за реализација на крупни проекти во општините, се очекува да биде издадена на пролет идната година, најавија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски на конференција за развој на општинскиот пазар на капитал во Република Македонија.

&nbsp

Првите општини кои ќе може да издадат општинска обврзница се Скопје, Велес и Струмица, кои имаат поголем фискален капацитет и имаат веќе добиено кредитни рејтинзи, рече градоначалникот Трајановски и додаде дека ваква можност ќе добијат и Гостивар, Куманово, Штип, Гевгелија и Илинден, кои денеска потпишаа меморандуми за добивање кредитен рејтинг.

&nbsp

– Како локални власти сосема ни е јасно во овие услови на недоволно финансирање на општините да реализираме одредени капитални проекти кои се од голема потреба и значење за граѓаните. Да обезбедиме чиста вода за пиење, за изградба на канализациска инфраструктура, асфалтирање улици во некои средини, да изградиме училишта, болници, амбуланти и слично за што се потребни многу средства што, за жал, засега локалните власти многу тешко можат наеднаш да ги обезбедат, истакна Коцевски.

&nbsp

Според него, со издавањето општинска обврзница многу локални власти ќе можат да обезбедат капитал за реализација на инвестициски проекти, а нивното издавање ќе придонесе и во голем процент да се ослободи дел од неискористениот капитал, кој лежи во разни фондови и ќе придонесе за заживување на пазарот на хартии од вредност.

&nbsp

Министерот Ставрески истакна дека користа од издавањето општински обврзници се многукратни пред се поради тоа што со нив се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање конкретни развојни проекти. Преку поголеми инвестиции, како што рече, ќе дојде до подобрување на локалната економска состојба, повеќе вработувња, зголемено производство и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.

&nbsp

– Ниту блок дотациите, ниту владините позајмици не се конечното решение за потребата на општините за финансирање. Изградбата на инфраструктурни објекти, обезбедувањето ефективни јавни услуги на локално ниво, подобрување на услугите на комуналните претпријатија и локалните јавни установи од образованието, културата, детската заштита се областите на кои локалните власти се фокусирани, а кои бараат атрактивни и нови извори на финансирање, односно зајакнување на приходната самостојност на општините, рече Ставрески.

&nbsp

Според него, издавањето на овие обврзници во принцип ќе значи зголемување на задолженоста на општините, но тоа не значи дека зголемувањето на долгот ќе биде на неодржливо ниво.

&nbsp

– И понатаму на издавањето на општинските обврзници треба да се гледа како на алтернативен начин и можеби како на поевтин начин, наместо да се оди со заеми и други позајмици, рече министерот и додаде дека во тој случај секоја општина сама за себе, а и Министерството за финансии, ќе водат сметка за прудентните стандарди за задолжување на општините, бидејќи еден од стандардите за издавање на општинските обврзници е задржување на кредибилитетот на општината.

&nbsp

Тој ја изрази поддршката од Владата и потенцира дека издавањето општинска обврзница е значаен исчекор во насока на поддршка на финансиската самостојност на општините и на економскиот развој.

&nbsp

Директорот на УСАИД Македонија Мајкл Фриц посочи дека ја поттикнува Владата да ги поддржи општините во издавањето општински обврзници кои, според него, се долгорочен инструмент за развој. Средствата од Владата, како што истакна, нема да бидат доволни за равој на општините.

&nbsp

Истакнувајќи ја важноста за развој на општините, рече дека нивниот успех ќе доведе до успех и развој на целата земја.(МИА)

Comments are closed.