2 ноември 2017, Скопје – За првпат Министерството за финансии го вклучува граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанствениците во процесот на донесување на буџет. Денеска во Министерството за финансии беше одржана јавна дебата на која беше претставен Предлог буџетот за 2018 година.
Буџетот за 2018 година е проектиран врз претпоставка за реален раст на БДП за 3,2%, кој се очекува да биде одраз на континуирана солидна лична потрошувачка, забрзување на инвестициите и повисока извозна активност. Проекцијата за раст на БДП е иста со есенските проекции на релевантните меѓународни институции како ММФ и Светска банка.
Стапката на инфлација во 2018 година се очекува на ниво од 1,7%, главно под влијание на светските цени.
За годинава Министерството за финансии ја ревидираше проекцијата за раст на 1,6% од БДП, и истата е во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции како ММФ 1,9% и Светска банка 1,5%. Буџетскиот дефицит годинава се очекува да не надмине 2,9% од БДП.
Вкупните приходи во буџетот за 2018 година се планираат на 193,5 милијарди односно 4,7% повисоки од 2017 година. Расходите се планирани на 211,7 милијарди денари, односно се повисоки за 4,1% од 2017 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 или 2,7% од БДП, односно бележи намалување во однос на 2017 година за 0,2 процентни поени. Среднорочно, планирана е постепена фискална консолидација, односно строга контрола на помалку продуктивните расходи, истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија.
Финансирањето на буџетскиот дефицит е планирано од домашни и надворешни извори, зависно од пазарните услови.
Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32% од вкупните расходи, 19% се наменети за економски развој и финансиски работи, 14% за здравство, 11% за образование, наука и спорт, по 5% за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделие и јавен ред и безбедност, 3% за одбрана, по 2% за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по 1% за судство и регионален развој.
Капиталните расходи се планирани во износ од 24,7 милијарди денари, односно раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Во овие рамки планирано е интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.
Во рамки на капиталните расходи планирани се средства за завршување на патната делница Д.Капија-Смоквица, реконструкција на Коридор 10, изградба на железничката пруга од Коридор 8, дозиградба на пругата Битола-Кременица и изградба на патна секција Градско-Дреново, за што вкупно планирани се 3,5 милијарди денари. За комунална инфраструктура планирани се 5,9 милијарди денари за изградба на национален гасоводен систем, за водоводи и канализации, пречистителни станици и рамномерен регионален развој. За инвестиции во ТИРЗ планирани се 431 милиони денари. За изградба на детски градинки, спортски објекти, основни и средни училишта, универзитети и студентски домови планирани се 2,4 милијарди денари, за инвестиции во здравството 1,9 милијарди денари, за инвестиции во одбраната 1 милијарда денари, во правосудтвсото 531 милиони денари и за јавен ред и безбедност 917 милиони денари.
Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за 3 денари со очекувани повеќекратни ефекти во насока на повисоки буџетски приходи за финансирање на нови расходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на ЕУ и заштита на животната средина. Очекуваниот ефект е 1,6 милијарди денари кај акцизата и 350 милиони денари кај ДДВ.
Граѓанските здруженија истакнаа дека буџетот е развоен ако се земе превид високото ниво на капитални инвестиции и посочија дека треба да се настојува да има што подобра реализација на капиталните расходи. Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека проекциите за капиталните расходи се реални и очекува да се реализираат.
Синдикатите прашаа како Владата ќе помогне во зголемување на нивото на платите. Од страна на министерот беше истакнато дека веќе се преземаат мерки за зголемувањето на општото ниво на платите со покачување на минималната плата, а дека следната година ќе има покачување на платите во темелите на општеството, односно во образованието и во здравството. Исто така министерот за финансии истакна дека со економскиот раст ќе се придонесе кон зголемување на платите во сите сектори.
Стопанствениците побараа средства за патот Блаце-Скопје, повеќе средства за рамномерен регионален развој и транспарентно известување за даночните реформи за да може да се подготват за истите. На ова министерот за финансии Тевдовски одговори дека даночните реформи ќе започнат од 1 јануари 2019 година, а во меѓувреме ќе се информираат стопанствениците и јавноста за планираните промени и истите ќе бидат вклучени во дебата.
До 15 ноември Владаа треба да го достави Предлог буџетот до Собранието, а до 31 декември Собранието треба да го изгласа Буџетот.
Презентацијата за Предлог буџетот за 2018 година можете да ја преземете на следниот линк.