17 мај 2019 година – Физичките лица кои се регистрирани како ДДВ обврзници наместо за пет години ќе им се даде можност да се одјават од системот на УЈП за 2 години доколку во овој период оствариле промет помалку од еден милион денари годишно. Услов е за истиот тој период да не е користено правото на одбивка на претходен данок. Ова е предвидено со предлог измените на Законот за данокот на додадена вредност. Предлог измените денеска на собраниска седница ги образложи заменик министерката Ширет Елези.

Воедно со предлог измените се врши и допрецизирање и дополнување на ослободувањата без право на одбивка на претходен данок во делот на образовните услуги. Со измените, образовната дејност природно се надополнува со научната дејност.

Измени се предвидуваат и во делот на лековите за ветеринарна медицина.

– Лековите за ветеринарна медицина, според постојните законски одредби, се предмет на оданочување со општата стапка на ДДВ од 18%. Имајќи го во предвид значењето на ветеринарната дејност за здравствената заштита на животните и нејзината улога за подобрен ефект врз здравјето на животните, а понатаму и луѓето, се предлага лековите за ветеринарна медицина да се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%, вели Елези.

Со предложените измени се предвидува и можност за враќањето на данокот на додадена вредност на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата, со што едновремено се врши усогласување со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Comments are closed.

Close Search Window