26 октомври 2019 година, Скопје – Министерката за финансии Нина Ангеловска, како „амбасадорка на е-трговија“ на УНКТАД го донесе првиот мастерклас „Е-трговија за жени“ во регионот.
Повеќе од 50 жени претприемачи учествуваат на првиот од серијата мастеркласови за е-трговија на Конференцијата за трговија и развој на Обединетите нации (УНКТАД), кој се одржува овие два дена во Скопје, а потоа продолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска. Ова е единствен мастерклас од серијата кој ќе се одржи во Европа.
Целта на мастеркласовите е 7-те амбасадорки на УНКТАД избрани од целиот свет, да ја пренесат пораката за улогата на дигиталната трговија во развојот на претприемништвото кај жените и нивно вклучување и поттикнување на економскиот раст.
– Задоволство ми е што мастерклас иницијативата Е-трговија за жени“ започнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20% од растот на бруто-домашниот производ, додека земјава губи 16%, покажуваат податоците на Светска банка. Ако ова го имаме предвид, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите што ќе придонесат за поголем економски раст. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат. Новиот брз дигитален свет бара интердисциплинарни барања и носи предизвици, но на крајот на денот секој поминат предизвик нѐ прави посилни и поискусни – вели министерката за финансии Ангеловска.
– Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери како што се пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, а особено во земјите во развој. Целта на иницијативата „Е-трговија за жени“ е да креира силна мрежа на жени и воедно да ги инспирира да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија – истакна Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата „Е-трговија за жени“ на УНКТАД.
За време на мастеркласот ќе се одржат предавања од врвни експерти и мотиватори од областа на дигиталната трговија кои доаѓаат од светски препознаени брендови. На сесиите ќе се зборува за предизвиците за раст на онлајн бизнисот, анализа на пазарот, оптимизација, маркетинг на социјалните медиуми и претворање на податоците во аналитика и знаење.
Инаку Ангеловска е единствена жена од Европа која го доби признанието „амбасадорка на дигиталната трговија на УНКТАД“, како соосновачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија. Други избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико соосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.
Иницијативата преку која УНКТАД ги избра „Жените амбасадори на дигитална трговија“ – „Е-трговија за жени“ има за цел да го поттикне економскиот раст и да ја намали сиромаштијата во земјите во развој комбинирајќи ги придобивките од технологијата и претприемништвото кај жените.
Оваа иницијатива е финансиски поддржана од УНКТАД и од Холандската влада, а мастеркласот во Скопје се организира во соработка и со Асоцијацијата за е-трговија.