Владата на Република Македонија во екот на најголемата должничка криза во Европа, на 171.000 земјоделци им исплати најголем износ на субвенции досега. Само последните 30 дена беа исплатени 63 милиони евра, од кои 20 милиони евра за тутунот дури и предвремено.
Преку субвенциите го стимулираме производството на производи со препознатлив висок квалитет и извозен потенцијал како тутун, лозарството, производството на зеленчук и овошје, овчарството, козарството и органското производство, но и производи со пониска продуктивност кои се важни за обезбедување на основна храна за населението, како житните култури и кравјото млеко. На овој начин сакаме да создадеме услови за зголемување на извозот, но и намалување на увозот на дефицитарните прехрамбени производи, стимулирајќи го домашното производство.
Ако се земе предвид дека во 2006 година извозот на земјоделски и прехрамбени производи изнесувал 240 милиони евра, во 2010 година 424 милиони евра, во 2011 468,6 милиони евра, а во 2012 се очекува да надмине 500 милиони евра, ефектите од субвенциите се повеќе од видливи. Затоа сега би се осврнал на исплатата на субвенции и некои поединечни гранки кои беа опфатени.
Од почетокот на годината досега исплатени се 33,2 милиони евра за растително производство, од кои само за поддршка на лозарството се исплатени над 12 милиони евра, за обработлива земјоделска површина за поледелски култури 9,7 милиони евра, за овоштарство 5,2 милиони евра итн. Тука би споменал дека реколтата тутун 2011 беше исплатена дури и една година порано, а 20 милиони евра легнаа на сметките на 27.000 тутунари.
За сточарско производство исплативме вкупно 25,5 милиони евра годинава, од кои за мерки за поддршка на говедарството 7,3 милиони евра, за производство на кравјо, овчо и козјо млеко 3,5 милиони евра, за поддршка на свињарството и за поддршка на живинарството по 2 милиони евра, за пчеларство 1,6 милиони евра итн.
Милион евра исплативме поддршка за органско производство, а како државна помош во земјоделството префрливме и скоро половина милион евра за помош за премии за осигурување, за помош за заштита на земјоделско земјиште, за техничка поддршка во земјоделството и помош на сточарскиот сектор.
Најмногу субвенции годинава дадовме во Кавадарци (5,6 милиони евра), потоа во Битола (4,9 милиони евра), Велес (4,1 милиони евра), Струмица (4 милиони евра), Куманово (3,9 милиони евра), Неготино (3,8 милиони евра), Свети Николе (3,4 милиони евра), Прилеп (3,3 милиони евра), Штип (3 милиони евра) и Тетово (2,9 милиони евра). Исплати субвенции инаку има во сите 33 општини.
Македонија никогаш немала поголема поддршка за земјоделците од тоа што го има сега. Никогаш досега во историјата на оваа земја не се одвојувале толку значајни средства за земјоделството. Ќе продолжиме секоја наредна година со уште позасилена динамика, бидејќи Македонија е аграрна земја, и голем дел од нашите граѓани лебот го вадат токму преку земјоделието.
Благодарам