Скопје, 16 февруари 2012 (МИА) – Претставници на приватните градежни компании денеска имаа средба со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за проектот „Купи куќа, купи стан“. Го оценуваат како позитивен и заинтересирани се за вклучување во него, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за апликација бидејќи времето не е доволно за прибирање на целокупната документација, како и временските услови за изведување на градежните работи.
– Задоволен сум од она што го слушнав од градежниците. Проектот во суштина е позитивно оценет од нивна страна бидејќи ќе му помогне на градежниот сектор, на овие приватни компании во вакви тешки времиња практично да можат да обезбедат работа и истовремено да ги продаваат становите или куќите што ги градат, со цел истовремено да се задоволи и прашањето на граѓаните за стекнување сопствен дом, изјави министерот Ставрески по средбата.
Тој потенцира дека постои добар интерес. Досега се поднесени 100-тици апликации од кои дел се комплетирани, а дел треба да се докомплетираат.
– Проектот е долгорочен. Ќе се имплементира во наредните четири години и освен становите и куќите кои сега се нудат ќе има многу поголема понуда, потенцира министерот и додаде дека во однос на барањето за пролонгирање на рокот Владата треба да биде флексибилна.
Очигледно е, нагласи, дека поради временските услови и вкупната постапка потребна да се реализира ќе треба да бидеме флексибилни во делот на оставање доволен простор граѓаните да можат да го завршат тој процес. Владата ќе направи се што е најдобро за граѓаните бидејќи сакаме тие да бидат задоволни и да се реализираат нивните планови за сопствен дом.
– Штом има вакви барања искажани од сите компании и граѓаните до Владата сметам дека треба да биде флексибилна и да овозможи во подолг временски рок да се докомплетираат барањата и документите и да се добие станбен кредит, потенцира министерот.
Според Сеад Кочан од Сојузот на стопански комори, рокот треба да се пролонгира за три месеци барем кај барањата за изградба на куќи. – Проектот е на почеток, а градежништвото е еден процес кој треба да земе замав и затоа побаравме пролонгирање на рокот во делот на аплицирање барем за куќите бидејќи имаме временски услови кои не дозволуваат да се излезе на терен, а и на банките им треба подолг период за разгледување на барањата, појасни Кочан.
И претставникот од Северозападна Македонија Фатмир Етеми и претставникот на „Хот и Хот“ за изградба на куќи Роберт Хот потенцираа дека треба да има пролонгирање на рокот.
Има огромен интерес за изградба на куќи, но единствен проблем се временскиот рок од 30 дена, кој е премал да се обезбеди комплетната документација, посочи Хот и додаде дека очекуваат во наредниот период поголема заинтересираност.
Приватните компании во моментов, како што посочија претставниците од Сојузот на стопанските комори и Стопанската комора на северозападна Македонија, во Скопје нудат станови кои може да се вклопат во проектот до 900 евра за метар квадратен во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Бутел, Припор, Кисела Вода.
На средбата е посочено на локации на кои може во иднина да градат вакви станови како што се Ѓорче Петров, Лисиче, Ново Лисиче, Бутел, Чаир и некои други и оти во таа насока, како што рече министерот, ќе се иницира средба со градоначалниците со цел да понудат повеќе локации за изградба на вакви станови.
Проектот, според градежниците кои градат куќи, целосно се вклопува во нивните работни планови, како и од аспект на големина на станбените кредити така што со кредит од 30-тина илјади евра може да се направи просечна куќа.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изградбата на доградби на куќи преку овој проект министерот Ставрески посочи дека тоа е овозможено за оние кои првпат ќе го решат станбеното прашање, а не за оние кои сакаат да го зголемуваат просторот во кој живеат.
Рокот за апликација до осумте банки учеснички во проектот е до 1 март годинава. Покрај приватниот сектор станови кои може да се вклопат во него понуди и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.