Производството на „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ ќе го зголеми македонскиот БДП за околу 15-20 отсто. Нивниот влез во Македонија испраќа јасен сигнал до стотици фирми во светот кои се нивни снабдувачи, да се придружат.
Производството на „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ ќе го зголеми македонскиот БДП за околу 15-20 отсто. Нивниот влез во Македонија испраќа јасен сигнал до стотици фирми во светот кои се нивни снабдувачи, да се придружат. Автоиндустријата има сериозни шанси да прерасне во стожер на економскиот развој на Македонија
Во услови кога целокупната јавност со право е фокусирана на политичките теми и на случувањата околу интеграцијата на Македонија во НАТО, на економски план се случуваат некои настани што заслужуваат посебно внимание. Имено, пред три дена беше потврдено дека британската компанија „Џонсон Мети“ ќе почне со изградба на фабрика за автомобилски катализатори во април, со почетна вредност од 50 милиони евра. Неколку месеци пред тоа, една голема светска компанија од автомобилската индустрија, „Џонсон контролс“, почна со производство на делови за автомобили во слободната економска зона крај Скопје. Инвестицијата почетно вреди 40 милиони евра, со потенцијал да достигне 500 вработувања. Согласно со најавите што ги добивме за време на неодамнешната презентација на Македонија на Форумот за инвестиции во Вашингтон, САД, уште една, трета голема компанија од автомобилската индустрија е на прагот да го соопшти влезот во Македонија со своја гринфилд-инвестиција. Влезот на овие три автомобилски гиганти во Македонија означува почеток на една успешна приказна. Приказна за Македонија како нова атрактивна инвестициска дестинација на светската карта на автомобилската индустрија. Конечно, тоа е почеток на една нова страница во развојот на македонската индустрија и економија во целина. Зошто?
Автоиндустријата е најголем индустриски сектор во светот, кој учествува со над 10 отсто во БДП во развиените земји и вработува над 9 милиони луѓе. Жестоката конкуренција во глобални рамки се рефлектираше во ценовна војна и постојана потрага на компаниите за нови дестинации со пониски производствени трошоци. Според некои проценки, над 2/3 од вредноста на секоја нова кола денес се произведува надвор од земјата во која е седиштето на производителот. Користа од ваквата конјунктура ја почувствуваа многу земји во транзиција, вклучувајќи ги пред се’ автомобилските суперсили Словачка, Чешка, Полска, Унгарија и Романија, во кои автоиндустријата учествува со 15 отсто во вкупното производство. Од аквизицијата на „Фолксваген“ на „Шкода“ во далечната 1991 и подоцна романската „Дачиа“ од страна на „Рено“, како и преку 500 гринфилд-инвестиции, меѓу кои најновите на „Хјундаи“ во Чешка и на „Киа“ во Словачка, коридорот меѓу Варшава и Букурешт стана втор најбрзорастечки автомобилски центар во светот, по Кина. Во последните десет години приближно 20 милијарди евра се инвестирани во автомобилската индустрија во овие земји.Начинот на кој фирмите одлучуваат каде ќе инвестираат, вообичаено подразбира формирање листа со земји што исполнуваат определени општи стандарди за добра бизнис-клима, расположливост на квалификувана и евтина работна сила, ниски логистички и оперативни трошоци, ниски и едноставни даноци итн. Компаративната анализа на предностите и недостатоците на поодделни земји ќе исфилтрира која дестинација обезбедува најголеми користи во однос на потенцијалните ризици и таа на крајот ќе биде избрана. Каде е тука шансата на Македонија и каква треба да биде нашата стратегија за борба со конкурентите?
Повеќето земји што беа успешни во привлекувањето на странски инвестиции во автоиндустријата веќе се соочуваат со проблемот на недостиг на квалификувана и евтина работна сила (Чешка, Унгарија, Романија, Полска). Бугарија и Романија нудат евтина работна сила, но лошата инфраструктура е нивни недостаток, заедно со недостигот на работна сила во случајот на Романија. Некои други земји, како Украина, имаат голем потенцијал со својата локација, изобилство на суровини и евтина работна сила, но имаат и политички проблеми што засега ги одвраќаат инвеститорите. Токму овие недостатоци на конкурентите се нашата предност и шанса. Како да ја искористиме, како да настапиме пред странските инвеститори за приказната, што добро започна, да се доразвие и да има среќен крај? Кои се нашите политики и пораки кон инвеститорите? Прво и основно, значајно е што Владата направи стратегиска одлука со која автомобилската индустрија се таргетира како клучен сектор за привлекување на странски инвестиции. Второ, Македонија има одлична локација на крстопатот на два трансевропски коридори, што значи блискост до западноевропските пазари и брзорастечките економии на Русија и Турција. Трето, имаме бесцарински пристап до пазарот на 650 милиони потрошувачи, вклучувајќи ги земјите од ЕУ. Четврто, Македонија е висококонкурентна според вкупните оперативни трошоци, кои се пониски за 20-40 отсто од соодветните трошоци во Унгарија и во Чешка. Петто, трошоците на работната сила во Македонија се меѓу најниските во европските земји. Работната сила е млада (45 отсто се под 30 години), технички образована и има висока работна етика. Истовремено, универзитетите се подготвени да работат со инвеститорите на дообучување на студентите за добивање на технички знаења, како во случајот на „Џонсон контролс“. Шесто, Македонија има солидна традиција со капацитети што датираат уште од 70-тите. Голем број компании подоцна се приватизираа и продолжија со производство на делови и компоненти за автоиндустријата. Меѓу најдобрите и најпознатите денес се: „Хајтеч корпорацијата“, „Руен“, „Сипо“, МЗТ „Хепос“, САП-Пробиштип и слично. Конечно, екстра- поволните услови во слободните економски зони се една од компаративните предности што ги има Македонија. На краток рок, стратегијата за привлекување инвестиции во автоиндустријата логично е да се фокусира на работно-интензивните производи базирани врз ниски трошоци на работната сила, како автомобилски ремени, воздушни перничиња, кочници, катализатори, пластични делови, текстилни и кожени компоненти и сл. Императивот е во прво време Македонија да се постави на мапата на светската автоиндустрија, да се привлечат поголем број компании и да се отворат повеќе работни места. Во втората фаза, фокусот треба да биде поместен кон производи со повисок квалитет и пософистицирани технологии. Во однос на локациите, би било мудро дел од капацитетите да се насочат надвор од Скопје со цел да се оствари порамномерен регионален развој. На пример, формирање на слободна економска зона исклучително за автомобилската индустрија во Кочани, околу капацитетите на „Руен“. Во соработка со стопанските комори и универзитетите, треба да се развие едукативна програма и обука за стекнување на технички вештини што ги бара автоиндустријата.
Дел од овие политики и мерки се веќе реализирани, што доведе до конкретни резултати. Македонија веќе е на мапата на светската автоиндустрија. Производството на „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ ќе го зголеми македонскиот БДП за околу 15-20 отсто. Нивниот влез во Македонија испраќа јасен сигнал до стотици фирми во светот кои се нивни снабдувачи, да се придружат. Автоиндустријата има сериозни шанси да прерасне во стожер на економскиот развој на Македонија. Останува приказната да продолжи да се гради и доградува – за потоа да се раскажува на поколенијата што доаѓаат.
Зоран Ставрески