Скопје, 20 декември 2012 (МИА) – Во насока на донесување на Буџетот, а со оглед дека работата на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија е блокирана денеска позитивно писмено се изјаснив за 44 амандмани од кои 33 поднесени од СДСМ, шест од пратеникот Изет Беќири и пет од ДПА, информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференцијата во Собранието на Република Македонија.
Тој додаде дека 44 амандмани се во вкупен износ од 191 милион денари од кои 154 милиони денари за амандманите поднесени од СДСМ, и по 18,5 милиони денари за тие од пратеникот Зекири и од ДПА.
– Ова е најголем број на прифатени амандмани од еден министер за финансии при донесувањето на буџетот во последните 20 години. Како по број така и по износот на средствата. Тоа ја покажува нашата желба за компромис, рече Ставрески.
Додаде дека верува оти ќе наиде на разбирање кај опозицијата и ќе се отвори можност за забрзување на процедурата и донесување на Буџетот.
Одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека координацијата е сеуште во тек и оти поради тоа неможе да коментира дали е прифатливо за опозицијата ова или не, притоа апелирајќи на конструктивност и разумност за компромис.