Реализацијата на буџетските приходи во јануари годинава, според денеска објавената табела за извршување на буџетот е над очекувањата, односно над планираните за 0,9 отсто.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески буџетот во целина има солидни и добри остварувања, а посебно, како што рече, е добро остварувањето на приходите од данокот на додадена вредност за три проценти, данок кој е најсеопфатен и кој укажува на заживување на економските активности.
 
Министерот додаде дека приходите во јануари 2011 година, кои изнесуваат 10,352 милијарди денари, се значително повисоки од приходите во јануари минатата година.
 
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со објавените податоци од НБРМ за зголемена инфлација во јануари, министерот Ставрески рече дека е прв месец од годината и оти до крајот на годината ќе биде остварена проектираната инфлација од 3 отсто.
 
– Тоа го базираме на комбинацијата на здрава умерена фискална и монетарна политика и тоа е она што е најзначајно за општиот пораст на цените. Сметам дека до крајот на годината овие проекции ќе се остварат, односно дека Република Македонија како и досега нема да има повисока инфлација од 3 проценти, изјави министерот Ставрески.
 
Тој вчера при посета на Радовишко посочи дека очекува раст на индустријата годинава за пет до осум отсто.
 
– Рударството и металната индустрија ќе имаат добра година, а тоа ќе повлече и подобри резултати на вкупната индустрија. Моите очекувања се дека некаде меѓу пет и осум проценти ќе оствари раст индустријата во текот на 2011 година, изјави вицепремиерот Ставрески.(МИА)