Скопје, 23 јули 2015 (МИА) – Остварувањето на Буџетот за 2015 година во првите шест месеци се подобри од очекувањата. Прибраните приходи се повисоки од планираните и тие, со предложениот ребаланс на Буџетот, ќе се преточат на расходната страна за политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени. 

Ова денес го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, образложувајќи го Предложениот ребаланс на Буџетот за 2015 година пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија. 

Потенцира дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвиваше согласно со предвиденото. Буџетскиот дефицит во првите шест месеци достигна 9,521 милијарда денари што е 1,7 проценти, и е точно половина од предвидениот на 3,5 проценти. Вкупните приходи се за 2,583 милијарди денари повисоки во однос на 2014 година, додека расходите достигнаа ниво од 87,652 милијарди денари што е 5 проценти повеќе во однос на 2014 година и е во рамки на проектираното. 

– Вкупните даночни приходи во првите шест месеци од годинава се реализираа во износ од 78,131 милијарда денари што е за 14 проценти повеќе во однос на претходната година. Ова се значително повисоки приходи во однос на 2014 година, за 6 проценти повисоки во однос на планираните со Буџетот за 2015 година, рече Ставрески и појасни дека кај даночните приходи има намалување на ДДВ, но оти тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите.

Кај данокот на добивка приходите се повисоки за 4,964 милијарди денари, додека кај акцизата има повисоки приходи за 704 милиони денари. Приходите од ДДВ се пониски за 911 милиони денари.

На приходната страна, како што посочи министерот, социјалните придонеси се повисоки од планираното за 8,2 процента, при што кај пензиското осигурување се реализирани 15,912 милијарди денари, додека кај здравственото 6,510 милијарди денари.

За расходната страна Ставрески рече дека во првите шест месеци достигнала 87,652 милијарди денари, што е 5 проценти повеќе во однос на 2014 година и е во рамки на проектираното. Редовно се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоките и услугите, трансферите во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, потоа редовна исплата на пензиите, субвенциите и слично.  

– На расходната страна нема кратење кај ниту еден буџетски корисник, затоа што и немавме причина за тоа, бидејќи Буџетот претходно беше поставен на таква основа, односно секаде каде што можеше да се заштеди, да се скрати, тоа и беше направено уште во текот на проектирањето на Буџетот за 2015 година и во претходните години. А од друга страна, пак, сакавме да ги заштитиме социјалните категории и да овозможиме да има доволно средства за капитални инвестиции, а таа политика и таа ориентација останува и во рамки на ребалансот на Буџетот за 2015 година, истакна министерот Ставрески. 

Тој додаде дека кај капиталните расходи се предвидени за 1,115 милијарди денари повеќе средства, со чија помош ќе се интензивираат активностите за неколку проекти што се од приоритетно значење.  

Најголем износ ќе биде издвоен за проектот за гасификација на делницата Клечовце – Штип кој изнесува 370 милиони денари. Дополнителни средства од 377 милиони денари се обезбедени за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини во Република Македонија. Дополнителни 222 милиони денари има за Министерството за образование и наука за финансирање реконструкција и реновирање училишта. Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконструкцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“. 

Министерот Ставрески потенцира дека досега редовно се исплаќаа плати, стоки и услуги, пензии и субвенции и се реализираа сите мерки за зголемување на социјалната помош. Со ребалансот, како што рече, предвидени се средствата за редовна исплата на зголемената социјална помош за 10 проценти, дополнителни средства за исплата на помош за сите ранливи категории, за зголемување на пензиите за 5 проценти од октомври, како и за стипендиите.

Ставрески истакна дека со ребалансот се очекува да се задржи буџетскиот дефицит и да се одржи нивото на јавниот и државниот долг.

Како што посочи, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти. Во првите шест месеци е реализиран со 1,7 отсто и, како што рече, во овој дел сме онаму каде што треба. 

За државниот и јавниот долг истакна дека во насока на натамошно управување со долгот, во февруари 2015 година предвреме и целосно е исплатен долгот кон ММФ, со што државниот и јавниот долг се намалија за 1,7 проценти поенти. Со тоа, додаде Ставрески, Република Македонија практично остана во зоната на ниско до умерена задолженост со ниво на јавен долг од 43,6 проценти од БДП и ниво на државен долг од 36 проценти од БДП.

Врз основа на проекциите во ребалансот, според министерот, се очекува Буџетот да ја одигра својата улога, да обезбеди развојна компонента и да ги заштити сите социјални категории. 

Со ребалансот, проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 отсто пониска од првично проектираната, а се должи на сложените услови во кои функционираше македонската економија.  

Според министерот, сè уште ќе има солиден раст од 3,5 проценти, со претпоставка дека до крајот на годината, и домашниот политички ризик и оној надворешниот од еврозоната со последните случување постепено ќе се стабилизираат.

Расправата по предложениот ребаланс во Комисијата за финансирање и буџет треба да заврши за 10 работни дена.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.