Документот Програмата за економски реформи 2023 – 2025 може да го преземете на следната врска.
Како поддршка за подобрување на економското управување Европската Унија (ЕУ) во Стратегијата за проширување од октомври 2013 година воведе нов пристап наречен Поедноставен европски семестар, при што земјите од Западен Балкан и Турција од октомври 2014 година се поканети од Европската Комисија (ЕК) да ги подобрат економските политики и да го зајакнат економското управување, преку подготовка на програми на економски реформи – ПЕР.
Република Северна Македонија учествува во тој процес со кој се врши претпристапното усогласување на економските политики со Европската Унија и секоја година подготвува ПЕР која содржи макроекономски и фискални политики и индикатори, како и структурни реформи и мерки за подобрување на конкурентноста на земјата и намалување на невработеноста. Подготовката на ПЕР на ниво на Влада е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзино усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 јануари.
По доставување на ПЕР до ЕК, истата се оценува преку оценски мисии во земјата од страна на ЕК, Европската Централна Банка и Еуростат. Потоа започнува дијалог во рамките на Советот на ЕУ. Прво се одвива дискусија на техничко ниво во рамки на помошните тела на Советот како подготовка за дијалог во рамки на Советот на ЕУ претставен од таканареченото „трио“, односно тековното и двете последователни претседателства, со министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите – кандидати за членство од Западен Балкан и Турција. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оценката на ПЕР и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи (т.н. “Policy guidance” – „Насоки за политиките“). Земјите кандидати при подготовка на наредната ПЕР се должни да известат за степенот на спроведување на препораките во минатата година, а во насока на исполнување на економските критериуми за пристап во ЕУ – постоење на функционална пазарна економија и способност за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата.
Текстот на Програмата на економски реформи 2023-2025 година беше прифатен од страна на Владата на седница одржана на 01 февруари 2023 година, и истиот ден таа беше официјално поднесена до Европската Комисија.
Самата подготовка на ПЕР како кохерентен стратешки документ и нејзиното навремено доставување до ЕК, претставува потврда за капацитетот на администрацијата на земјата, од аспект на координација на економските политики и ефикасност во работата. ПЕР е заеднички резултат на повеќе институции, а целокупната подготовка се координира од страна на Министерството за финансии.
ПЕР е комплексен документ кој се изработува согласно Водичот на Европската комисија за подготовка на ПЕР од јуни 2022 година. При избор на клучните секторски структурни реформи, институциите ги имаат предвид предизвиците и проблемите во соодветните области, кои влијаат врз зголемување на конкурентноста и економскиот раст на земјата, како и на создавањето на работни места. При подготовка на ПЕР 2023-2025 земени се предвид повеќе стратешки и други документи:
- Програмата за работа на Владата на РСМ 2022-2024 година, објавена од Владата;
- Ревидирана фискална стратегија за периодот 2023 – 2025 (со изгледи до 2027);
- Буџет на Република Северна Македонија за 2023 година;
- Ревидирана стратегија за управување со јавниот долг за 2023-2025 (со изгледи до 2027)
- Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021 – 2025;
- Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст 2022;
- Планот за забрзан економски раст 2022 – 2026;
- Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија, објавена од СЕП;
- Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки, објавена од СЕП;
- Програма за реформа на управувањето со јавните финансии 2022-2025
- Стратегија за формализирање на неформалната економија во РМ 2018 – 2022, објавена од МТСП во делот Документи од областа на работните односи и вработувањето;
- Стратегија за здравство 2021 – 2030 година;
- Стратегија за развој на енергетиката
- Национална стратегија за води 2012 – 2042 година;
- Национална стратегија за одржлив развој 2009-2030;
- Национална стратегија за транспорт,
- Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018 – 2023;
- Стратегија за образованието со акциски план за периодот 2018 – 2025 година, во делот Стратешки документи;
- Индустриска стратегија 2018 – 2027 година;
- Национална стратегија за вработување 2021 – 2027 година;
- Ревидирана Програма за реформи во вработувањето и социјалната политика 2022 – ЕСРП, објавена од Министерството за труд и социјална политика;
- Повеќегодишниот акциски план за регионално економско поврзување на земјите од Западен Балкан
- Извештај на ОЕЦД – Конкурентноста во Југоисточна Европа: Преглед на политиките 2021
- Одржливите развојни цели на Обединетите нации;
- Стратегијата Југоисточна Европа 2030, објавена од Советот за регионална соработка;
- Европскиот Зелен План;
- Зелената Агенда за Западен Балкан
- Дигиталната Агенда;
- Економско – инвестицискиот план за Западен Балкан;
- Препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог од 24 мај 2022 година;
- Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година;
- Извештајот на ЕК со оценка на Програмата на економски реформи 2022-2024 година;
Структурни реформи по области во ПЕР 2023-2025
А) Реформи за справување со трите клучни предизвици: |
1. Зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој |
Мерка 1: Понатамошен развој на системот на квалификации |
Мерка 2: Зголемување на флексибилноста и сигурностана пазарот на труд |
Мерка 3: Зајакнување на системот за социјална вклученост на ранливи категории на лица |
Мерка 4: Подобрување на квалитетот на примарната здравствена заштита (ПЗЗ) |
2. Поттикнување зелена транзиција |
Мерка 5: Промовирање на обновливи извори на енергија |
Мерка 6: Подобрување на енергетската ефикасност |
Мерка 7: Воспоставување на инфраструктура за собирање и третман на отпадни води во согласност со барањата на ЕУ |
Mерка 8: Воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад |
3. Подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивната интеграција во глобални вредносни синџири и формализација на економијата |
Мерка 9: Имплементација на Интелигентен транспортен систем (ИТС) долж Коридорот 10 |
Мерка 10: Проширување на опсегот на дигитални услуги достапни на Националниот портал за е-услуги |
Мерка 11: Рационализирање на употребата на парафискалните давачки |
Мерка 12: Хибриден фонд за зелени и дигитални старт-ап и иновативни мали и средни претпријатија |
Мерка 13: Финансиска поддршка на Роми претприемачи |
Мерка 14: Воспоставување на менаџмент информациски систем за државна помош |
Мерка 15: Воведување механизми за формализирање на неформалната работа во сектори со висока застапеност на непријавена работа |
Мерка 16: Поддршка за развој на иновацискиот еко систем |
Мерка 17: Зајакнување на пазарните правила во Република Северна Македонија |
Мерка 18: Модернизација на постбербени технологии и процеси во трговијата со македонските земјоделски производи |
Б) Реформи за справување со други предизвици |
Мерка19: Воспоставување на Интегриран Даночен Информациски Систем(ИДИС)во УЈП |
Повеќе информации за Европскиот семестар и Економско управување од аспект на исполнување на Копенхагенските критериуми има на следниве веб страници:
и
На страната на Министерството за финансии може да ги преземете сите досегашни програми на економски реформи и претпристапни економски програми