Скопје, 7 април (МИА) – Министерството за финансии денеска реализира аукција на едномесечни, тримесечни и шестмесечни државни записи во вкупен износ од околу две милијарди денари.

 

Аукцијата, како што рече министерот за финансии е утврдена со Календарот што го има составено Министерството уште на почетокот на годината.

Министерот Славески оцени дека аукциите се прилично успешни и над очекувањата.

 

– Прибрани се бараните износи од страна на Минситерството за финансии по прифатливи каматни стапки. На аукцијата за едномесечни записи каде баравме милијарда денари постигнатата каматна стапка е под девет отсто, односно 8,90. Кај тримесечните во износ од 600 милиони денари каматата е околу девет, а кај шестмесечните во вредност од 403 милиони и 970 илјади денари каматната стапка е 9,10 отсто, изјави министерот Славески.

 

Тој додаде дека е применет стандарден тип на аукција, односно не се применети фиксни каматни стапки, туку ги одреди пазарот, кои, пак, како што истакна, не се повисоки од оние на благајничките записи.

 

Министерот Славески рече дека денешната аукција покажала оти има интерес за овие хартии од вредност и оти ќе бидат издавани се додека има потреба.

 

– Ние треба да обезбедиме на некој начин финансирање и ќе ги спроведуваме овие аукции додека има потреба, рече министерот и додаде дека станува збор за краткрокорчни вложувања на слободните парични средства што ги имаат компаниите и кои не може да имаат друга намена.

 

Славески потенцира дека аукции има веќе четири години и оти дека се правени и во моменти кога имало суфицит во буџетот, бидејќи, како што појасни, тоа е пазар што Македонија го развива.

 

– Има побарувачка за такви хартии од вредност од одредени субејкти, било да се банки, осигурителни компании, дури и граѓани и петпријатија кои сакаат да инвестираат во вакви хартии од вредност. Тоа го прават и сега. Денешната аукција покажа дека има интерес, потенцира министерот за финансии.

 

За тоа колкав е дефицитот во буџетот, одговори дека тој е во моментот изнесува 0,4 отсто од БДП.

 

– Буџетскиот дефицит не е апстрактна категорија што се јавува на крајот на годината, туку тој се јавува и во текот на годината, истакна Славески, посочувајќи оти станува збор за сосема нормална работа.

 

Во врска со реакциите за можни задолжувања кај странски банки, министерот Трајко Славески рече дека Меѓународниот монетарен фонд не финансира потреби на буџетскиот дефицит, туку одобрува средства за платниот биланс кои одат во девизните резерви. Тој додаде дека нема заем и оти не мора да има заем од странски банки.

 

– Барате понуда за нешто, а Владата ќе одлучи по предлог на Министерството за обезбедување средства за финансирање на потребите на државата, истакна Славески, и додаде дека во јули и август минатата година имало понуди од домашни и странски банки за финансирање проекти, но оти тогаш не отишле на задолжување.

 

– Во меѓувреме некои од странските банки претрпеа некои статусни промени и сега ја обновивме или ќе ја обновиме побарувачката и тоа е сосема легитимно финансирање, истакна министерот Славески, потсетувајќи дека Албанија пред неколку месеци позајмила 250 милиони евра од конзорциуми на банки и оти нивната јавност не била толку наелектризирана колку што е нашата за една, како што наведе, сосема легитимна работа.

 

За можноста за враќање во игра на Меѓународниот монетарен фонд, министерот Славески рече дека Фондот е вратен во игра на глобален план, не во Република Македонија.

 

– Светот и меѓународната заедница има потреба од меѓународни финансиски институции. Не може во услови на промена на глобалните услови да згаснува, а да востановува други финансиски институции, односно доаѓа до еволуција на институциите. Ова што е денес ММФ е сосема различно од она што беше ММФ минатата година . Само името е исто. Се покажа дека на светот му треба една институција која настанува на основите на ММФ, но она што е тој денес е сосема друга институција што беше пред една година. Не се препознава воопшто, истакна министерот за финансии Трајко Славески.скс/са/15:49

Comments are closed.