Интересот на граѓаните за откуп на дворното место по едно евро за метар квадратен е голем. Во овој период, пред истекот на крајниот рок 27 јануари, се поднесени 55.000 барања од граѓаните, а се очекува огромен интерес и во наредните денови со нови десетина илјади барања. За да им се излезе во пресрет на граѓаните да можат да поднесат барања за откуп на дворното место, Управата за имотно-правни работи во следните денови ќе работи до 21 часот.
 
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој денеска беше во посета на општинското одделение на Управата за имотно-правни работи во Гази Баба.
 
– На два до три дена пред истекот на рокот во кој граѓаните може да го откупат дворното земјиште за цена од едно евро по метар квадратен и од обиколката што ја имав во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи можев да се уверам дека има огромен интерес, изјави министерот Ставрески додавајќи дека за да им се излезе во пресрет на поголем број граѓани да можат да ја искористат оваа можност Управата работи и денеска, а ќе работи и следните денови до 21 часот.
 
Како дополнително олеснување, додаде тој, е донесена и одлука да се примаат и нецелосно компелтирани барања, значи барања со минимална документација со идентификација на граѓанинот и поднесување на барања за почнување на постапката, а после ќе им оставиме можност, значи по истекот на овој рок да ги докомплетираат овие барања и да ги поднесат сите документи – имотен лист, поседовен лист или другите документи што се потребни.
 
– Владата излегува во пресрет на граѓаните со цел да можат да ја искористат можноста за отпочнување на постапката и откуп на дворното земјиште по цена од едно евро по метар квадратен, рече министерот.
 
За тоа дали ќе се продолжи рокот за откуп на дворното место по едно евро и по 27 јануари, министерот Ставрески истакна дека ќе се остави да помине рокот да се констатира фактичката состојба, да се направи анализа и врз основа на таа анализа Владата да донесе соодветна одлука.
 
– Останува да истече рокот, да ја констатираме фактичката состојба. Ќе направиме една анализа и ќе ја поднесеме до Владата за тоа какви се околностите, односно колкав број на граѓани успеале и колкав број на граѓани не успеале заради завршувањето на рокот да поднесат барање и за да може Владата врз тие факти да донесе соодветна одлука. Ние правиме се и со кампањата што ја имавме пред 6-7 месеци да ги информираме граѓаните и со отварањето на вратите на Управата за имотно-правни работи. Еве во овој последен период кога има многу барања, само во еден ден преку 2.500, а и во текот на претходниот период за цел месец имаше толкав број на барања. Значи сега е очигледно дека граѓаните веќе се свесни дека ова е голема шанса и настојуваат да ја искористат и ние ќе направиме се што можеме за што поголем број од нив во овие неколку дена што се останати да ја искористат таа можност, рече министерот и ги повика граѓаните уште еднаш и кога немаат комплетна документација да се обратат во подрачните единици на Управата за имотно-правни работи и да поднесат барања за отпочнување на постапката, а после ќе имаат можност да ги докомплетираат своите документи.
 
Државата од оваа мерка не очекува големи средства со оглед на тоа дека цената е минимална. – Се на се ќе се инкасираат некаде 200 до 300 милиони денари вкупен приход во Буџетот, но за нас е многу поголем другиот ефект, а тоа е можноста да се заокружи процесот на приватизација, да им дадеме можност на граѓаните дворното земјиште да стане нивна сопственост, а со тоа да добијат капитал кој ќе можат натаму да го користат, да го пренесат на идните генерации, да го капитализираат преку можноста за издавање под хипотека во банките за добивање кредити и сето тоа има многу големи придобивки и од апсект на граѓаните и од аспект на државата, истакна министерот Зоран Ставрески.(МИА)