Продолжување на реформите во македонскиот катастар со дополнителни девет милиони евра заем од Светската банка, предвидува денеска потпишаниот Договор меѓу Светската банка и Министерството за финансии за дополнително финансирање на проектот „Катастар на недвижности и регистрација“.

 

– Заемот е доделен под исклучително поволни услови, односно 25 години рок на отплата со осум години грејс-период и каматна стапка од шестмесечен либор за евровалута со варијабилен распон која моментно изнесува 1,2 проценти, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на Договорот со постојаниот претставник на Канцеларијата на СБ во Скопје Лилија Бурунчук.

 

Дополнителното финансирање треба да помогне дигитализацијата на постоечките катастарски мапи и планови и достапност на овие графички информации до граѓаните и приватниот и јавниот сектор преку Интернет. Ќе ја подобри и точноста и ефикасноста на премерот преку комплетирање и надградба на државната геодетска референтна мрежа. Предвидено е и модернизација на работниот процес во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии со цел нудење поефикасни и побрзи услуги за граѓаните.

 

Вицепремиерот Ставрески истакна оти Владата одлучила да го продолжи проектот и во наредните три години поради постигнатите резултати од неговата досегашна реализација, а таква потврда изнесе и претставничката на Светската банка.

 

– Досегашното спроведување на проектот за катастар на недвижности овозможи Агенцијата за катастар на недвижности да го изгради својот капацитет за информатичка технологија и за испорака на услуги. Катастарот на недвижности е воспоставен во 99 проценти од катастарските општини, а последните неколку години енормно е зголемен бројот на запишаните купопродажби, хипотеки и други трансакции, што укажува и на подобрување на ефикасноста во одржување на катастарот. Воедно времето за регистрација на купопродажба е скратено од 60 на пет дена, рече Ставрески.

 

Според Бурунчук, со спроведувањето на проектот Македонија станала лидер во реформите во катастарот во регионот на што, како што истакна, државата треба да биде горда. Но, работата не е завршена и има уште предизвици, посочи Бурунчук, појаснувајќи оти во насока на тоа се дополнителните финансиски средства кои ќе помогнат да се дигитализираат катастарските мапи. Тоа ќе овозможи размена на податоците на полесен и подостапен начин, а воедно ќе и помогне на Владата во водењето на политиката со недвижностите, односно ќе придонесе за подобро функционирање на пазарот на недвижности.(МИА)

 

Слики од настанот

 

Comments are closed.