31  мај 2018, Скопје – Со новата Фискална стратегија, проекциите за јавниот долг се значително помали во однос на последната фискална стратегија на претходната влада. Во просек станува збор за 3,5 процентни поени помалку секоја година, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски во гостување на Алсат М телевизија.

-Согласно последната фискална стратегија на претходната влада од октомври 2016 година, за 2017 се предвидуваше јавен долг од 53,1%. Оваа Влада ја заврши 2017 со 47,6% јавен долг, или дури за 5,5 процентни поени помалку. За првпат после 8 години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво во 2017. Согласно последната стратегија на претходната влада од октомври 2016 година, во 2019 година планирано беше јавниот долг да достигне 56%, и којзнае колку потоа. Со новата фискална стратегија максимумот кој го проектираме е 54,8% од БДП во 2020 година, кој потоа следната година веќе опаѓа, односно е во надолна линија. Планирана е постепена буџетска консолидација која предвидува буџетскиот дефицит да се намали на 2% од БДП во 2021 година – рече Тевдовски.

Како што посочи Тевдовски, досега во овој период немало фискална стратегија и не можело да се дадат никакви коментирани. Ова е првпат после десет години да се носи навреме фискалната стратегија.

Министерот за финансии посочи дека основната проекција на која се базира Фискaлната стратегија е дека ќе се интензивира економскиот раст следните години.

– Светска банка имаше еден одличен графикон за изминатите години во кој покажува дека растот во Македонија бил околу 0,5%, ако се исклучи онаа државна интервенција во градење споменици, фасади, жални врби. Тоа покажува дека растот бил лажно напумпан. Ние не водиме такви политки. Правиме притисок капиталните инвестиции да се интензивираат. Имаме сериозно забрзување на извозот. Закрпенува индустриското производство. За првпат дизајнираме политки кои ќе дадат сериозна поддршка за домашните претпријатија. Тоа значи дека фирмите, приватниот сектор ќе имаат поддршка за опрема, за плати. Фирмите се ослободени од политичките стеги. Активните мерки за вработување се на рекордно високо ниво, достигнуваат милијарда денари. Додека бевме во опозиција многу пати кажував дека, таа подршка за најголемиот проблем во државата беше многу ниска, тогаш изнесуваше некаде 4-5 милиони евра, сега е скоро тројно зголемена. Сето тоа ќе направи работите во економијата да се придвижат – истакна Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека за првпат после повеќе од декада има брз и неселктивен поврат на ДДВ кон фирмите.

-Ако ги земете податоците во првите четири месеци од годината, повратот е 121 милион евра. Тоа е сериозна ликвидност. Ако се спореди со претходната година, порастот е некаде 40%. Трезорот во Министерството за финанси сега функционира технички- се што ќе дојде за исплата веднаш се исплаќа, нема држење на налози-рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи и дека преку софтверот за евиденција на обврските ќе се избегне натрупување на обврски, како што беше случајот со претходната влада. Како пример ја даде Филхаромонијата, која била помпезно отворена од претходната влада, но оваа Влада морала да ги отплаќа заостанатите обврски за овој објект.(МИА)

Comments are closed.