– Сите треба да бидеме фокусирани на овој проект. Тој е непотворлива можност за граѓаните на Македонија, односно за младите до 35 години. Прашање е кога во иднина ќе имаат ваква можност. Тие тоа го знаат и ние не смееме да ги изневериме. Луѓето знаат дека тоа ќе се исполни и не е сеедно кога ќе се исполни, им порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на градоначалниците со кои денес заедно со надлежните министри одржа работен состанок со цел поефикасна операционализација на проектот „Купи куќа за млади“ чија реализација започна минатата недела.

Груевски посочи дека проектот нуди низа можности и оти тој овозможува не само младите кои немаат сопствен дом да го решат станбеното прашање, туку оти им помага и на оние кои имаат помал стан или куќа да дојдат до поголем дом.

– Младите кои имаат помал стан, а сакаат да го продадат и да изградат поголема куќа, може да земат поволен кредит каков што се нуди со голем грант елемент. Млади кои имаат стан од 45 квадрати, а сакаат куќа од 100 квадрати, може да го продадат и да земат кредит со сите добри услови што се нудат, и да направат куќа од 100 до 120 квадрати. Исто така може да имаат куќа и да земат кредит за надградба или доградба на куќата, а може да имаат и мала куќа и да ја продадат, а со кредитот да изградат поголема куќа, појасни Груевски.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, станува збор за одличен проект којшто е добро дизајниран, овозможува флексибилност, а и креиран е врз основа на контактите со младите.

Тој најави и караван во градовите низ државата, како и отворање канцеларии со цел граѓаните полесно да добиваат информации за проектот.

– Разговаравме со директорот на Управата за имотно-правни работи, да отвориме постојани канцеларии во сите општини каде што имаат подрачни единици, каде граѓаните ќе добиваат информации. Добро е да има постојана канцеларија онаму каде што имаме подрачни единици за граѓаните да може секојдневно да се информираат, рече Ставрески.
Тој нагласи дека интересот кај младите е голем и оти во просек дневно околу 50 лица ја посетуваат канцеларијата во Министерството за финансии каде се информираат за проектот.

Со цел поголема информираност, отворена е и страница за проектот на Фејсбук, а изработен е и прирачник за аплицирање на проектот за кој следната недела ќе биде објавен тендер за негово печатење.

Како можност ќе се разгледа и предлогот на Министерството за транспорт и врски, во Законот за градење да се предвиди мерка со која што оние кои живеат во куќа со еден кат, а сакаат да направат надградба, да не чекаат нов ДУП за да им се дозволи зголемување на висината.

– Секој што има куќа со еден кат, дозволена со ДУП, нема да чека нов ДУП за да му се дозволи зголемување на висината. Тоа значи дека по сила на закон, секој кој има куќа со еден кат веднаш ќе добие поголема висина и ќе може да изгради или уште еден кат или поткровје, појасни министерот за транспорт Владо Мисајловски.  

Од страна на Министерството за транспорт и врски распишан е повик до општините да поднесат барање за изработка на план за типски населби.

– Доколку има потреба ќе го продолжиме рокот за јавниот повик. Ќе се искоординираме со сите општини, да направиме по еден план на наш трошок. Друг предизвик, и во селата, онаму каде што нема урбанистичка документација, да направиме околу 100 општи акти за села, рече Мисајловски.

Како можност на граѓаните им се нудат и бесплатно изработени шест типски проекти за куќи со различна квадратура кои може да се најдат на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Comments are closed.