Скопје, 29 мај 2013 (МИА) – Сигурен и ефикасен национален платен систем, усогласен со меѓународните и европските стандарди за работа и голема прифатеност на безготовинските инструменти, предвидува Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот 2013-2017 година, која беше денеска презентирана. За прифаќање на стратегиската рамка, заедничка изјава потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, гувернерот на Народна банка на Република Македонија Димитар Богов и претседателот на Здружението на банкарството Ѓорѓи Јанчовски.

 

– Во Стратегијата се даваат насоките по кои треба да се движиме во напредувањето на платната инфраструктура во Република Македонија и во овој период треба да направиме значителен напредок кон онаа платна инфраструктура и начинот на функционирање на платните системи во ЕУ. Ова покажува и едно добро ниво на меѓуинституционална соработка каде што беа вклучени повеќе институции од финансиската сфера и е пример како треба да продолжиме со работа и понатаму, изјави гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов.

 

Тој додаде дека оваа стратегија претставува заедничка визија на сите релевантни учесници во националниот платен систем за насоката за насоката во која треба да се развива. Таа, како што рече, се заснова врз заеднички согледувања за тековните состојби во извршувањето на домашните и надворешните плаќања, како и врз потребите за зголемување на сигурноста и ефикасноста преку примена на последните технолошки достигнувања и на меѓународните стандарди.

 

Стратегиските насоки, според Богов, произлегуваат и од јасната ориентација на Република Македонија да стане членка на ЕУ, а со тоа и НБРМ да стане дел од европскиот систем на централни банки.

 

Според вицепремиерот Ставрески, Стратегијата претставува потврда за придонесот и ефикасноста на веќе воспоставената соработка, а истовремено е доказ за сериозната намера за заедничко, континуирано следење и унапредување на платните системи во државата, преку реализација на стратегиската насока за развој.

 

Стратегиските насоки за наредниот петгодишен период, како што рече министерот Ставрески претставуваат природно продолжение и се темелат на резултатите постигнати со првиот национален стратегиски документ за развој на платните системи, усвоен во 2007 година.

 

– Реформата на платниот систем беше една од најуспешните реформи во Република Македонија спроведена во изминатите десетина години. Со новата Национална стратегија за развој на платните системи 2013-2017 година која што денес ја потпишавме продолжуваме во насока на модернизација на платните системи во Македонија, нивно усогласување со европските стандарди, поттикнување на безготовинското плаќање. Настојуваме да овозможиме да се намалат и цените за платежните услуги и самиот факт дека во денешното поптишување учествуваат трите главни чинители покажува дека постои висок степен на координација и во делот на дефинирање на стратегиските цели и во делот на оперативните инструменти за нивна реализација, истакна Ставрески Тој потенцира дека како заедничка стратешка определба останува дефинирање на активностите и политиките за поттикнување на безготовинските плаќања и намалувањето на употребата на готовината во платните трансакции, како еден од условите за намалување на сивата економија. – Ова, рече, ќе се постигне со координирани активности на државните институции и банките, преку проширување и модернизирање на мрежата на ПОС терминали и АТМ уреди и поттикнување на електронското банкарство.

 

За претседателот на Здружението на банкарството, Стратегијата е логичен пат од далечната 2000 година кога почна спроведувањето на реформскиот закон за платен промет во Македонија. – Ние останавме на тоа ниво, како се развиваше Македонија, ние правиме надоградба на тој закон. Во 2007. се формира Совет за национална стратегија за платните системи во кои стално се надоградуваше и се усовршуваше и дојдовме сега до едно ниво да имаме сигурен стабилен платен систем во кој банките се носители на платниот систем, рече Јанчовски.

 

Comments are closed.

Close Search Window