Спроведување на јавните набавки по електронски пат, елиминирање на работата со хартиени документи и поголема ефикасност и економичност во спроведувањето на постапките за доделување договор за јавни набавки нуди новиот Интегриран систем за јавни набавки.
Со овој систем, што денеска беше промовиран од страна на Бирото за јавни набавки, им се овозможува на договорните органи и деловната заедница по електронски пат да ги спроведуваат и да учествуваат во постапките за јавни набавки, а јавноста има можност на транспарентен начин да го следи трошењето на јавните средства во државата.
Новиот електронски систем ги интегрира двата досегашни електронски системи: информатичкиот систем за јавни набавки и електронскиот систем за јавни набавки. Пуштен е во употреба од почетокот на годинава и во него се задржани досегашните функционалности на двата система. Со неговата примена се очекува годинава да се заштедат до 10 проценти од средствата предвидени за јавни набавки во Буџетот или околу 20 до 40 милиони евра годишно.
Таргетот за годинава е 30 отсто од јавните набавки да се реализираат преку електронски аукции.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, примената на системот на електронски јавни набавки е значајна алатка која претставува силен инструмент во борбата против корпуцијата и бирократијата, а ќе придонесе и за транспарентен систем за извршување на јавните набавки.
– Со електронскиот систем за јавни набавки се овозможува целата постапка да се спроведе по електронски пат. Со тоа се отстранува човечкиот и субјективен фактор во сите фази од набавката каде е тоа можно, преку употреба на современи технологии. На тој начин преку компјутеризација на процесите и постапките значително се намалува бирократизацијата и се зголемува ефикасноста на работењето на Владата, рече Ставрески.
Тој додаде дека електронскиот систем на Бирото за јавни набавки е македонски производ развиен со сопствен потенцијал и знаење и е во чекор со најсовремените системи во Европа.
– Мислам дека Македонија во овој поглед е лидер и веќе има интерес од некои земји како Хрватска и Србија за нашите искуства во доментот на јавните набавки, рече Ставрески.
Американскиот амбасадор во земјава Филип Рикер, кој присуствуваше на промоцијата, рече дека јавните набавки кои опфакаат скоро една третина од националниот буџет мора да се прават на ефикасен и транспарентен начин за да обезбеди фер игра за сите компании.(МИА)