Пакет од 24 мерки кои се таргетирани во областите на даночната политика, кредитната политика, земјишната политика, имотно правните прашања, земјоделството, градежништвото, социјалната политика, како и мерки во областа на регулаторната гилотина се дел од четвртите антикризни мерки што Владата ги усвои на вчерашната седница.
 
– Новиот пакет мерки е резултат на сериозен и континуиран дијалог помеѓу владините институции и бизнис секторот, рече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција во Владата на која беше претставен новиот пакет антикризни мерки.
 
Тој посочи дека новите антикризни мерки нема да дадат некој спектакуларен резултат бидејќи, како што кажа, главните и најкрупните мерки веќе се преземени во 2009 година и тие во голема мерка им помогнале на фирмите и се уште помагаат.
 
– Овој пакет антикризни мерки истовремено е пропратен со мерки на третата фаза на регулаторната гилотина и мерки за подобрување на деловната клима, рече премиерот Груевски.
 
Претседателот на македонската Влада појасни дека со новите анти кризни мерки ќе се направат измена на Законот за данок на додадена вредност со кој фирмите наместо на 15. во месецот ќе можат да ги плаќаат обврските по однос на ДДВ на 25-ти секој месец.
 
– Ќе се намали надоместокот за приватизација на градежно земјиште кај правните лица кој сакаат да го приватизираат земјиштето што е под нивните објекти и дворови за 30 проценти. Ќе се подготви измена во Законот за денационализација со која управната постапка ќе завршува со одлука на второстепената комисија, а ќе се подобрат условите за користење на кредитната линија од Европската инвестициона банка и Македонската банка за подршка на развојот. Покрај тоа, ќе се воведе нова кредитна линија за подршка на микро, мали и средни трговски друштва, рече премиерот Груевски.
 
Тој додаде дека ќе се спречува увозот на производи кои не се произведени по одредени меѓународни стандарди што ги има прифатено Македонија со цел заштита на домашните призводители и потошувачи од несоодветан конкуренција, и оти ќе се олеснат критериумите за добивање финансиска подршка.
 
– Ќе се воспостави фонд на земјоделско земјиште наменет за доделување на невработени лица кои живеат во руралните средини, а ќе се скратат и забрзаат повеќе постапки во делот на градежништвото, рече Груевски.
 
Премиерот Груевски истакна дека новите антикризни мерки ќе имаат позитивни ефекти не само на краток рок за стимулирање на растот и развојот во земјата, туку и за подбрување на квалитетот на живеење на сите граѓани, како и за подигнување на конкурентноста на македонската економија. 
Премиерот Груевски потсети дека во измината година Владата донесе три пакети антикризни мерки, и повеќе други мерки кои допринесоа за подобрување на состојбата, како и мерки за намалување на трошоците на фирмите и олеснување на нивниот извоз. Како резултат на овие мерки со, како што рече, вредност од над 300 милиони евра нашата земја е една од оние земји во Европав кои поуспешно се справија со кризата.
 
– Минататa година ја завршивме со трет најдобар економскирезултат во Европа во однос на бруто домашниот производ. Во 2009 година Македонија оствари втор најмал буџетски дефисит во Европа, што покажува дека Владата доста малку трошела во однос на она што го прима во Буџетот. Предизвиците од светската економска криза се уште постојат и ние сме должни да продолжиме со унапредувањето на деловната клима со цел да се излезе од таа состојба и да се исполни проектираниот раст за 2010 година, додаде Груевски.(МИА)