Прилеп, 20 март 2013 (МИА) – Со поставувањето камен-темелник за изградба на пачатница, денеска и официјално профункционира првата индустриска зона Прилеп 1. Сите 21 парцела во зоната од околу 50.000 метри квадратни, општината Прилеп ги продаде на електронска аукција. Се подготвува инфраструктурата и останува да почне изградбата на капацитетите.

Поставувајќи го камен-темелникот заменик, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески порача дека отворањето нови работни места и изградбата на капацитети на домашните инвеститори се приоритет за Владата.

– Она што го побараа бизнисмените од локалната власт и од Владата го добија, цената на земјиштето да биде што е можно пониска, комуналиите да бидат намалени и да немаат административни пречки за развој на бизнисот, рече Ставрески.

Според него, на Владата и се многу битни домашните инвеститори. – Тие се крвотокот на економијата, создаваат работни места. Ги почитуваме сите што вложуваат во вакви тешки времиња, истакна Ставрески, оценувајќи дека со индустриските зони и слободната економска зона Алдинци за странски инвестиции, ќе дојдат подобри економски времиња за Прилеп.

За првиот стопанственик кој гради капацитет во зоната Прилеп 1, сопственикот на печатницата „Провиста“, Зоран Дамчески, условите се многу поволни за изградба.

– Парцелата ја купив по 2 евра за квадрат на електронската аукција и многу ми е поисплатливо тука да градам, отколку да адаптирам некој постоечки простор. Печатницата е на 1.800 метри квадратни и се вработени 20 лица со можност за нови вработувања, изјави Дамчерски.

Во зоната ќе никнат капацитети од прехранбената, графичката и индустријата за минерални суровини.

Прилеп на располагање на стопнаствениците наскоро ќе им стави уште две индуастриски зони.

– Периодов е посветен на економскиот развој на градот. Ова е првиот чекор во таа насока. Има голем интерес за парцелите во индустриските зони, рече градоначалникот Марјан Ристески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window